Нов документарец на МТВ насловен како „ФК Балкан, хероите на едно време“

Само шест месеци по филмот за „Благоја Георгиевски Буштур“, Македонската радио телевизија пријатно изненади со нова спортска содржина посветена на гордоста на чаирчани кога фудбалот се играл од љубов и за љубов. Го носел прекарот „Селтик од Чаир“.

ФК Балкан Стококомерц е 101 годишна скопска приказна и култ на Чаир кој за жал од финансиски причини згасна пред 11 години. Зборуваме за еден од најстарите македонски фудбалски клубови.

„Балкан се правел од таа енергија од дома, кога немало држава“.

„Се играше за љубов“.

„Го нема Балкан, го нема Чаир“, велат соговорниците во најавата.

Сценарист на документарниот филм е спортскиот новинар Југослав Костовски кој интервјуира играчи од најуспечната генерација на клубот кои пред распадот на Југославија успеале за четири години да го воздигнат во четири ранга.

Од Втората македонска лига - запад, преку првата МФЛ, до Третата сојузна лига – исток, па се до втората сојузна југословенска лига во сезоната 1991/1992.

Тоа всушност биле златните времиња на Балкан под претседателската палка на Ванчо Георгиевски Сурла кој почина на 15 декември 2021.

Човек со цврста рака и вредни соработници во управата, добар тренерски кадар и финансиска конструкција за успеси во тоа време.

Премиерно ќе се емитува во четврток со почеток од 19 часот на МРТ 3.

И покрај тоа што веќе една декада го нема на мапа, скопските фудбалски носталгичари може да се потсетат на ФК Балкан на интернет. За него се води Фејсбук страница, а на Википедија може да се прочита и за почетоците.

Кај група младинци фасцинирани од фудбалската топка се родила идеата за формирање на свој маалски клуб и по низа договори и подготовки на 3 февруари 1921 година во Трпчевата меана го основале Балкан.

На тоа собрание била формирана и првата управа на клубот во состав: Цветан Миџо, Димче Поп Ацев, Брис Пљапља, Ангеле Свињарев, Петре Тасев, Ордан Николов, Благоја Димчевски-Мешле, Јанакија Пуплев, Блажо Урошов, Ѓоре Свињарев, Никола Смилев, Борис Таќе, Ѓоре Чортан. За претседател на клубот бил избран Ѓоре Чортан, а за потпретседател Блажо Урошов. 

На самиот почеток додека немале соодветни услови за одржување на состаноци и простории за пресоблекување на фудбалерите, било решено сето тоа да се одвива во Трпчевата меана, на големо задоволство на Трпче Бошковски. Потоа Никола Стојановски Пупи отстапил една соба од својата куќа за да им служи како соблекувална на играчите.

До 1927 година ФК Балкан воглавно играл против тогашните скопски фудбалски клубови Експеранс, Југ, Спорт, Победа.

Најдобриот состав во историјата се вели дека го имал во 70-те кога секогаш освојувал висок пласман во македонската лига. Во тоа време играле: Слободан Илиевски, Алексо Мацков, Баже Стојановски, Стерио Бураку, Мите Велков, Слободан Цоневски, Стерио Георгиевски, Васил Зајкос, Кире Спасовски, Панде Гичев.

Балкан за прв пат станал шампион на Македонија во сезоната 1989/90 пред Работнички, Тиквеш, Македонија Брегалница, Победа и како првак се пласирал во Третата лига - исток во рамките на Југославија.

Во независна Македонија беше седум години дел од првата лига, а во првите две сезони 1992/1993 и 1993/1994 заврши на третата позиција.

Клубот престана да постои во 2012-та, а се натпреваруваше на истиот стадион со маалските ривали Слога Југомагнат.

Слушнете како чаирчани во 1984-та зборуваат за нивниот омилен клуб. Ручекот и вечерата го немале истиот вкус ако дента гледале како губи.

26 април 2023 - 13:39