Норвешка ТВ: „Стадионот на Динамо Загреб е дупка и се распаѓа“

Хрватскиот фудбалски хегемон Динамо Загреб 21. сезона по ред ќе игра во еврокуповите, редок подвиг дури и за најголемите европски клубови. Но „модрите“ додека чекаат нов стадион од градските власти, ќе играат на својот стар, истрошен и трошлив „Максими“, неофицијално најгрдиот стадион на континентот на кој секоја година се игра Лига на шампиони или Лига Европа.

Динамо Загреб вечерва од 21 часот ќе го пречека норвешкиот шампион Викинг во рамки на баражот за пласман во Лига на шампиони. Следната недела ќе има реванш во Норвешка, а подобриот од двомечот ќе игра во богатата Лига на шампиони и ќе заработи околу 30 милиони евра.

Водител од норвешката државна телевизија ТВ2 присутен на „Максимир“, направил репортажа од срамниот изглед на трошниот стадион.

Новинарот снимил прилог и ги прикажал дотраените делови на стадионот. На западната трибина каде што ќе стојат гостинските навивачи пронашол парче паднат бетон а на едно место и падната цигла.

Норвешкиот репортер раскажува и дека стадионот на Динамо Загреб е стар повеќе од 100 години, речиси 115 години и дека во 2020-та година источната трибина е затворена од безбедносни причини поради нарушување на статиката од тогашниот земјотрес.

Нему му била чудна и оддалеченоста на гостинската трибина од теренот - измерил 45 метри до теренот. Забележал и изгорена подлога на атлетската патека од фрлени бакљи од гостински навивачи.

Видео прилогот на норвешкиот репортер погледнете го тука

Динамо Загреб на почетокот на 2027-ма година ќе се пресели во улицата Крањчевиќева на малото стадионче на НК Ломотива каде ќе игра додека не се изгради новиот стадион. Во меѓувреме се реновира и стадионот на Локомотива „Крањча“ која ќе има 11.163 покриени седечки места и ќе ја задоволува четвртата категорија на УЕФА стандардите.

Дотраениот и стар „Максимир“ ќе се руши во 2027-ма година а изградбата на новиот и модерен стадион со капацитет од 35.000 гледачи ќе трае до 2029-та или 2030-та година.

18 август 2026 - 15:23