Претставување на домаќините на ЕП 2016-та

Ница - долга историја фудбал пред Аѕурниот Брег

Во пресрет на ждрепката за групите на Европското првенство 2016-та, која ќе се одржи на 12. декември во Париз, ќе ги разгледуваме градовите домаќини на континенталниот турнир. Стадионите веќе ги запознавме, а од градовите прва е Ница.

На 7 км од градот е аеродромот Ница Аѕурен Брег. Од аеродромот има брз и едноставен пристап до Монако, Кан или самата Ница. Редовни авионски линии до Ница има од Софија и Солун, а летот трае околу два часа. Возови до Ница има од повеќе европски градови, така што оној што ќе се реши да тргне со воз, би можел од прозор да ги гледа Загреб, Варшава, Виена, Верона, Милано, Џенова.

Фудбал

Фудбалскиот клуб Ница е основан пред 111 години, и е еден од ретките клубови заедно со Рен, Марсеј, Монпење и Лил кои учествувале во првиот шампионат на Франција (сезона 1932/33) и активно учествуваат и денес. Сепак, Ница не може да се пофали со славна историја и за нешто повеќе од еден век освоила само шест трофеи од кои четири титули во првенството и два купа.

Во модерната историја, Ница за успех може да го смета освојувањето на францускиот Куп во 1997. година. Од тогаш до денес, само сезонава има сосема пристоен тим кој игра на модерен стадион, а тренер им е еден од најуспешните современи француски тренери Клод Пуел. Главен играч на екипата е Хатем Бен Арфа, некогашниот голем талент на европскиот фудбал кој Премиер лигата ја замени со Лига 1.

Стадион

Отворена во 2013. година, Алијанс Ривиерата ќе дочека 4 натпревари од групната фаза на ЕП, како и еден од 1/8 финалето. Собира 35.000 гледачи и е направена од метал и отпрно дрво (необично но убаво). На врвот има провидни соларни панели кои се во состојба да овозможат елекртична енергија за 30 фудбалски натпревари или 5 часа концертно осветлување или озвучување. Сончеви денови во Ница во просек има околу 300.

И покрај тоа што величенствениот стадион е отворен три години пред ЕП, Французите веруваат дека нивната национална особина сè да прават во 5 до 12 повторно излегла на виделина, затоа што трамвај линијата која ќе води до Алијанс Арената ќе се отвори на пролет следната година. Главна атракција на стадионот е Народниот Спортски Музеј на Франција кој од Париз е префрлен во Ница. Овој град бил домаќин на неколку големи настани, како што е финалето на ЛШ, финалето на Куп на Уефа, како и ЕП и СП.

Ако одите во овој музеј, задолжително мора да го видите највредниот експонат за Французите, топката со која Емануел Пети го постигна третиот гол против Бразил во финалето на СП 1998. година. Може да возите виртуелен „Тур де Франс" на собен велосипед или да играте пинг-понг 10 на 10.

Култни ресторани

Морските специјалитети ја обележуваат кулинарската традиција на Ница, која е слична на италијанската. Доколку одите на Европското 2016 во Ница, би требале да го посетите барот Le Petite Loge. Типичен француски вински бар со мошне пристапни цени. Ако немате влезница за некој од натпреварите, овде се гледа фудбал во бурна атмосфера. Од храна има разни закуски: сирења, месо и десерти, а изборот секако зависи во голема мера од дебелината на новчаникот.

Italian Pub

И покрај тоа што Италијанците не сакаат да мешаат две страсти (фудбал и храна), обично кога игра нивната репрезентација, овој паб е полн со Италијанци. Пешки од главната Англиска улица во Ница до пабот има 20-ина минути. Пабот не е официјален како другите ресторани и во него има домашна атмосфера.

Каде за престој

Најевтиниот престој во Ница - не е во Ница. Но ако решите да останете во градот, пристојни сместувања има во близина на железничката станица, во појасот меѓу Англиското шеталиште и Булеварот Виктор Иго.

Што се однесува до хотелите, тие се прилично скапи и цените за двокреветни соби се движат од 130-150 па до 300 евра, па дури и за оние со три ѕвезди. После ждрепката за ЕП, цените сигурно ќе скокнат уште повеќе. За оние кои не можат да приуштат хотел, може да користат други услуги, а еден од нив секако е сервисот Airbnb, платформата на која сигурно може да најдете и да резервирате сместување.

Градот Ница

Николај Гогољ во Ница стигнал во 1843. година, и таму работел на неговото ремек дело „Мртви души". Подоцна за Ница, Гогољ пишувал дека е град кој го кренал од мртвите. Во едно писмо кое Гогољ му го пратил на Василиј Андреевич Жуковски пишува „Ница? Рај на земјата".

Задолжително

1. Да се качите на замокот Хил

Прва работа која треба да ја направите кога ќе одите во Ница е да се качите по скалите кон старата тврдина и замокот Хил. Најдобар поглед од таму има на заоѓањето на сонцето. Местото е полно со антикварници и цветни продавници.

2. Прошетка по Англиската променада

Главниот Булевар во градот, каде може да ја видите исконската архитектурата на Ница.

3. Музејот на Шагал

На Авенијата Доктор Монаро се наоѓа музејот на Марк Шагал. Погрешно е да штедите на ова, затоа што како што миланската катедрала Санта Марија дела Грација не е во програмата на сите оператери, така и ова е нешто што не може да се види „на турнеите". Во музејот ќе видите неверојатно многу мозаици во разни бои. Ако од некоја причина не ви се допаѓаат делата на Шагал, одете во музејот Матис кој се наоѓа во близина и каде може да видите остатоци од стар грчки амфитеатар. Во Музејот Матис ќе сретнете уметности на Моне, Сисле, Дега и Фрагонара.