Џенова имаше предност од 3:1 против Палермо до 65 минута и прокоцка златна шанса за три бода, но гостите не се откажаа и успеаа да се изборат за пресврт 3:4 и на крајот стигнаа до три бода со погодок во 90-та минута.
Стрелец на голот беше Александар Трајковски кој по долга пауза поради повреда, влезе на средбата на 10 минути до крајот, а Илија Несторовски одлично го пронајде во шеснаесетникот. Кај Џенова, Пандев доби шанса во 90 минута и тоа беше момент кога за прв пат во историјата на италијанскиот фудбал имаше тројца Македонци на еден ист меч.
Инаку кај домаќините двоен стрелец беше Џовани Симеоне, синот на Диего Симеоне за 1:0 и 2:1, а претходно Палермо израмни на 1:1 со голот на Робин Кваисон на кој исто така асистираше Несторовски.
Откако Никола Нинковиќ зголеми на 3:1 и домаќините мислеа дека работата е завршена, во пресвртот, пред да го постави нашиот репрезентативец конечниот резултат, учествуваа и Едоардо Голданига во 69-та и Андреа Рисполи во 88-ма минута.
За Палермо ова е само втора победа сезонава по 17 изминати кола во Серија А и тоа и двете им се издвоени на гости. Претходно победија на 21 септември кога Несторовски ја тресна Аталанта на гости со гол на минута до крајот.
Решавачкиот гол на Трајковски
Сите голови