Како што се очекуваше Реал Сосиедад уште на самиот старт се наметна со својата игра на Филип Втори, а голот упорно го бараше преку центар шутеви особено по десната страна.
Вардар најмалку посакуваше да му се повторат оние воведни минути од мечот со Зенит кога многу рано примија гол, но за жал нешто слично се случи и на оваа средба пред својата публика. Шпанците поведо во 12-та минута преку Ојарзабал кој остана сам на едно метро од голот откако преку центар шут му ја спуштија топката со глава.
Реал Сосиедад тука не застана и упорно напаѓаше и одеше на втор гол кој падна во 34-та минута. Стрелец Вилијам Жозе по една одлично изработена акција во шеснаесетникот на Вардар. Истиот фудбалер на 3 минути до крајот на првиот дел го најави новиот дебакл на Вардар во Лига Европа со шајка удар од околу 20 метри.
Со оглед на интензитетот со кој напаѓаа гостите и шансите кои лесно ги правеа, македонскиот првак треба да биде задоволен што не губеше во прво полувреме повеќе од 0:3.
Реал Сосиедад пропушти уште 3-4 100% прилики за гол во првите 45 минути од кои Гачевски спаси две топки речиси на гол линија, а Ојарзабал беше во идентична ситуација како во моментот кога го отвори резултатот, но изненадувачки го промаши цел гол од едно метро. Своите мигови Вардар ги имаше преку контри. Прв се закани Џигаури во 8-ма минута, потоа Николов, а Барсегјан излезе пред голман, но не успеа да постигне почесен гол за Вардар. Второто полувреме беше мачно за гледање.
Вардар првите 10 минути не ја мина својата половина, а бразилскиот напаѓач Вилијан Жозе стигна до 4 погодоци на овој меч откако го наполни голот уште два пати во 55-та и 59-та минута. И кога сите чекаа судијата побрзо да свирне крај, во 90-та минута стигна шестиот шамар од Алберто Де Ла Бела.
На Вардар очигледно е дека му недостига и квалитет и повеќе храброст во играта за да биде конкурентен во групната фаза од Лига Европа. По првите 3 кола има катастрофална гол разлика од 14 примени и само еден даден гол.
На 2 ноември Вардар оди на гости кај Реал Сосиедад.