Нема крај на мизеријата, Луксембург - Македонија 1-0

Македонската фудбалска репрезентација доживеа уште еден срамен пораз во тековните квалификации за ЕП 2016, откако вечерва во судиското продолжение загуби 1:0 на гостувањето во Луксембург.

Пред 1.657 гледачи мечот почна добро по црвено-жолтите, кои го имаа почетниот притисок.
 
Изведовме два корнери, Ибраими се обиде од далечина, но домашниот голман Жубер реагираше мирно. Во 15-та минута офанзивниот лев бек Жута постигна погодок за нашата репрезентација, но линискиот судија без никаква потреба крена офсајд и не оштети за рано водство на самиот старт.
 
Селекторот Друловиќ мораше да изврши принудна замена во 37' минута, кога Даниел Мојсов се повреди а на негово место влезе стоперот на Работнички Кире Ристески.
 
Според информациите од преносот, Мојсов доживеал сериозна повреда на коленото по што од стадионот бил упатен во најблиската болница. До крајот на полувремето нашите репрезентативци играа прилично неповрзано, имаа неколку погрешни додавања и првиот дел заврши 0-0 без посериозни шанси на двете страни.
 
По само 8 минути игра во вториот дел, Абдурахими ја имаше најзрелата шанса на мечот до тогаш, излезе сам пред голманот Жубер но од десетина метри шутираше млако по средината на голот и домашниот голман лесно одбрани. Се обиде и Глигоров од 20 метри, но Жубер исфрли во корнер.
 
Луксембург не беше претерано заинтересиран за својот гол, така што поседот на топка во поголем дел од мечот го имавме ние. Во 85' минута пенал за Македонија. Бесарт Абдурахими сам се избори за удар од белата точка и реши да шутира, но неговиот удар го одбрани Жубер. Ако во Скопје против Луксембург беше херој со гол во 93-та минута за 3-2, Бесарт Абдурахими денес беше трагичар.
 
Студен туш, по којзнае кој пат во квалифациите стигна во 92' минута од мечот, пред самиот крај кога Тил погоди за победа на домаќините и голема радост на стадионот.
 
ЛУКСЕМБУРГ – МАКЕДОНИЈА 1-0
 
Луксембург: Жуберт, Шано, Делгадо, Јанс, Филипс, Жерсон, Мартинс (Тил), Пајал, да Мота, Хоаким, Девил (Бенси).
 
Македонија: Пачовски, Жута, Мојсов (К. Ристевски), Шиков, Ристовски, Глигоров, Петровиќ, Ибраими (Стефан Ашковски), Трајковски (Баже Илијоски), Абдурахими, Ивановски.
 
Промашениот пенал на Абдурахими:
Голот на Луксембург: