Фудбалерите на грчкиот прволигаш Верија имаа напорно 7. коло. Клубот од северна Грција гостуваше на југот кај Астерас од Триполи и како мерка за штедење наместо со авион, управата на клубот решила тие да патуваат 800 километри со автобус.
Откако загубиле со 3:0, тие исто така заштедиле и на ноќевање во хотел, па веднаш по натпреварот тргнале на пат кон дома и пристигнале во Верија во 5 часот утрината, со што фудбалерите поминале вкупно 17 часа во автобус.
И додека тие штедат, Англичаните се расфрлаат со пари. Челниците на Арсенал решиле да патуваат на гостувањето кај Норич со авион затоа што не им одговарал распоредот на брзите возови.
Градот Норич се наоѓа на само 180 километри од стадионот на Арсенал, па така наместо редовното патување од 2 часа и 20 минути со воз, фудбалерите на Арсенал за гостувањето во саботата патувале 14 минути со приватен авион. Арсенал сепак загуби со 1:0.