Приказната за фудбалскиот пат на Џенаро Гатузо

„Не знаев да подавам, а освоив Светско и два пехари во ЛШ“

Кога се изведувале пеналите против Јувентус во финалето на ЛШ 2003, Гатузо се молел да завршат пред него кој бил осми по ред за изведување. На Светското во Германија докторот за допинг чекал два и пол часа Гатузо да даде урина, затоа што бил уморен.

ДЕТСТВО

Гатузо по природа бил нестрплив. Роден е неколку месеци пред рокот, на две и пол години ја дупнал главата од дрвена врата, со десет години почнал да фаќа риба и да ја продава на локалните картаџии во Калабрија. Заработувал по 20.000 лири дневно, а на 12 минути со лажно презиме играл десен бек во локалниот тим за играчи до 15 години. Навечер работел како ѕидар со татко му.

ТРЕМАЏИЈА

На Светското во Германија, Гатузо престојувал во еднокреветна соба. Пред финалето не спиел, станувал, фрлал маици, лутал по собата - не сакал никого да нервира. На еден час пред финалето на стадионот во Берлин, 13 пати бил до тоалетот. Нервите му играле во стомакот. Му ставиле мраз, ја испеал химната и го отпуштило.

После победничкиот пенал на Фабио Гросо против Франција - десет минути не знаел што се случува. Сабајлето ги видел фотографиите - без шорцеви, само по гаќи и бос без копачки и штуцни. Се сеќавал само како ги кренал рацете после победничкиот пенал а потоа го зграпчил пехарот и му шепнал: „Колку долго сум те чекал тебе“.

И така целиот живот: На 17 години во финалето на младинскиот шампионат на Италија му дал гол на Буфон, на 30 ги скинал лигаментите но не забележал и го довршил мечот со Катанија, а потоа одбил да му верува на рентгенот.

ТРЕНЕРСКИ ЗАНАЕТ

Пред пет години го парализирал оптичкиот нерв, можел да ослепи, но имал операција и се вратил во тимот. Во исто време одби три пати поголема плата во Анжи, му помогна на Милан да стане шампион, но Масимилиано Алегри во него веќе не гледал првотимец и Џенаро стана играч-тренер на Сион.

Тогаш почна да прави циркуси. На дуелот против Јанг Бојс му го земал жолтиот картон на судијата и му го покажал. Како тренер на Палермо доби црвен картон на вториот меч, а веќе во осмото коло го избркаа и замина во Грција. Таму стана тренер на ОФИ каде на еден меч со нозе му се качил на глава на Антониос Петропулос кој го постигнал победничкиот гол во 92. минута.

Во ОФИ се скара со претседателот поради тоа што играчите не добиле плата со месеци, клубот банкротираше и Џенарино се врати дома каде го назначија за тренер на Пиза. Не поминаа две кола а Гатузо ја шокираше јавноста кога му удри шлаканица на помошниот тренер на крај од мечот поради што беше суспендиран на две недели. Управата на Пиза го отпушти но го врати два месеци подоцна.

„Се надевам дека ќерка ми нема да го наследи мојот карактер, инаку нема да се омажи“, изјави Гатузо во интервју за Vanity Fair неодамна.

Иако татко му бил познат во Калабрија како напаѓач на месниот клуб Кориљано, Џенаро не зборувал дека му е син, но и покрај тоа во детските екипи не го примале затоа што се плашеле од неговиот незгоден карактер.

Во школо секогаш се бунел: зошто немало греење, зошто немало креди и не сакал да учи ’во такви услови’. Кога бегал од часови со другарите играле фудбал на плажата Марина ди Скјавоне или оделе на флипери.

„Ден денес не сфаќам како можевме пет часа да играме фудбал на песокта. Денес да истрчам 15 минути на песок и ми крцкаат коските“, пишува Гатузо во автобиографијата ’Se uno nasce quadrato non muore tondo’ (Кој се раѓа како круг, не умира како квадрат).

Учителите „ги купувал“ со тазе Газета дело Спорт, а на некои им носел и дрвени столици кои ги правел татко му. Кога еднаш мајка му му рекла да се врати веднаш после часовите, Гатузо се занел на игралиштето а потоа немал автобуски превоз. Се качил на приколката на еден камион кој одел во истата насока, а се испоставило дека го возел татко му кој го позајмил од чичко му. Дома знаел што го чека.

ПЕРУЏА

Џенаро на 13 години го напуштил домот и се преселил во Перуџа каде му дале соба два на два, како во ментална болница. Меѓу комшиите му бил легендарниот напаѓач Кристијано Лукарели кој му рекол дека ако уште еднаш го види со рибарски чизми, ќе го истепа.

Со младинците на Перуџа го освоил младинскиот шампионат (заедно со голманот Сторари и стоперот Бајоко кој играше и во Јуве). Во Серија А Џенаро Гатузо дебитирал на мечот против Болоња. По извесно време Невио Скала го заменил тренерот Галеоне кој не верувал во Гатузо.

ВРНЕЖЛИВИОТ ГЛАЗГОВ

После само неколку месеци Џенарино се разбудил во Шкотска.

Рино немал професионален договор со Перуџа, му плаќале стипендија која што ја трошел на гориво за моторчето и за црни кожни јакни. Глазгов Ренџерс му понудиле 500 милиони лири за една година: „Ќе си гризнам од газот ако не отидам во Глазгов. Такви пари за цел живот нема да заработам овде“, размислувал Гатузо.

Тој станал првиот Италијанец кој го искористил правилото Босман за слободен трансфер, иако газдата на Перуџа, контроверзниот Лучано Гаучи и син му Алесандро го пријавиле во полиција (причина - Гатузо не служел војска), но Ренџерс ја смирил ситуацијата и платил за друг играч на Перуџа, напаѓачот Марко Негри.

Во Глазгов дознал дека дури и на тренинг треба да доаѓа строго во костим, а не во рибарските чизми кои ги понел со себе од Италија. Тој одело не носел никогаш во живот и ќе мора да позајми од некој, но тоа не е Калабрија, во Глазгов е а првата плата уште не ја добил.

Тогаш во новото „Рено“ го качил Пол Гаскоњ кој го однел Џенаро во преситжен бутик да му купи ново одело и го спасил. Кога Гаскоњ подоцна отишол во Лацио, веќе ги знаел италијанските зборови за „пиво“, „идиот“, „задник“, „иди во пичку матер“... Тоа го научил од Гатузо и другите двајца Италијанци во Глазгов, Аморузо и Порини.

Но се јавил нов проблем. Гатузо никако не знаел да врзува вратоврска, ја стегнувал во чвор и секое утро барал помош од сонародникот Серџо Порини да му ја врзе. Едно утро во торбицата нашол нов подарок од Аморузо и Гаскоњ: несесер со паста за заби, четка и гел за коса.

Италијанската заедница во Глазгов често се собирала во ресторанот „Кај Марио и Пина“, дојденци од Кампања којшто еднаш ги поканиле на вечера во својот дом. Таму Гатузо ја запознал нивната ќерка и идна жена, Моника.

КОНФЛИКТОТ СО ДИК АДВОКАТ И СРЕДБАТА СО КЕТРИН ЗИТА-ЏОНС

Навивачите на Ренџерс многу го засакале Џенарино Гатузо. За една година во Шкотска тој дал седум гола во сите натпреварувања, но на едно пеколно дерби против Селтик се надминал себеси.

Тренерот Волтер Смит побарал од него да биде спокоен, да се смири и да не прави глупости. Рино добро разбирал англиски, но не и тренерскиот совет до крај: Во 25 секунда го добил првиот жолт картон, а во 10 минута вториот и го исклучиле. На полувремето тренерот Смит го гаѓал со копачка во глава.

Кога станал тренер на Евертон, Смит го викал Гатузо со себе, но овој одбил (наместо него, во Ливерпул замина Матераци). Но Гатузо брзо се покаал и зажалил за тоа. Нов тренер на Ренџерс станал Дик Адвокат кој го ставал Гатузо стопер наместо повредениот Порини, овој се побунил, се скарале и до крајот на сезоната седел на клупа.

Тогаш менаџерот на Гатузо, Андреа Д’Амико во летото 1998 година му барал клуб, но времето го притискало затоа што до 30. август бил должен да среди трансфер. Набрзо му се јавил сопственикот на Глазгов Дејвид Мареј, поранешен рагбист, кој ги загубил двете нозе во сообраќајна несреќа а потоа станал милијардер од производство на челик.

Мареј побарал од Д’Амико да му најде на Рино клуб во Италија, затоа што Адвокат не сакал да слушне за него. Набрзо договориле средба во домот на Мареј, Гатузо не знаел ништо за евентуалниот трансфер, а во луксузната вила на претседателот на Ренџерс наместо претседателот на Салернитана Алиберти и спортскиот директор Павоне ги сретнал Шон Конери и Кетрин Зета-Џонс кој во домот на Мареј го снимале филмот „Entrapment“. Среќа па Рино не дошол со рибарските џизми.

ВРАЌАЊЕ НА ЈУГОТ

Џенаро сакал не сакал, во еден момент повторно се нашол на југот од Италија, во Салерно. Во екипата имал соиграчи како Ди Вајо, Фрези, Ди Микеле, Тедеско, а тренер бил легендарниот Делио Роси. Но екипата не издржала во Серија А и испаднала во последното коло кога загубила од Пјаченца на гости. Перуџа со еден бод завршила пред Салернитана.

На враќањето од Пјаченца, возот со навивачите на Салернитана излетал од шинита и четворица навивачи изгореле до смрт. „Морав да дојдам на нивниот погреб. Поради нас играчите дојдоа во Пјаченца“, изјавил Гатузо тогаш за la Repubblica.

ГРАДОТ НА МОДАТА - МИЛАНО

Гатузо веќе бил на добар глас во Италија и него го следеле Рома и Милан. Кога дошол на преговори со Резо Чохонелидзе, Грузиецот кој беше долгогодишен шеф во Милан. „Да си ја средиш брадата и да се ишишаш, не сме ние рок-клуб овде“, му рекол легендарниот директор на Милан, а сега на Барса Ариедо Браида.

Гатузо се извинил, се ишишал, се средил и пред почетокот на сезоната се вратил во Калабрија во маичка Kappa иако спонзор на Милан бил Adidas. На првиот тренинг со Милан, Себастијано Роси како по обичај ги закачал гуштерите, но Џенаро му пружил отпор кога овој го удрил со нога.

„На првиот тренинг се срамев што работам со Бобан, Леонардо и Шевченко, сите мајстори кои правеа што сакаат со топката. Пробував да ги имитирам нивните трикови, но они ги правеа феноменално, а јас или паѓав или удирав некој во близина“, пишува Гатузо во својата книга.

Милан бил актуелен шампион, но за три години со Рино не освоил ниту еден трофеј. Навивачите почнале да се исмеваат со Гатузо и тој бил близу да замине во Фиорентина, но после дополнителните тренинзи со тренерот Тасоти ја подобрил техниката и набрзо го освоил младинското Европско првенство со Италија.

Сениорското Европско 2000-та го гледал на телевизија, и се нервирал после златниот гол ан Трезеге, а утрото почнал да ика. Имено, Берлускони јавно го нарекол селекторот Дино Ѕоф дилетант затоа што не го викнал Гатузо во составот за Европското. „Да беше Рино во составот, ќе го чуваше Зидан да не му мрдне“, рекол Силвио Берлускони.

По заминувањето на Ѕоф, селектор станал Трапатони, а Гатузо дал гол на еден од првите натпревари за Италија против Англија, но елиминацијата од Мундијалот во Кореа повторно избил скандал. Италијанските новинари не го напаѓале толку судијата Морено, колку што го напаѓале Трапатони кој го извадил Дел Пјеро а го ставил Гатузо при водство 1:0.

 Утрото на 29 мај 2003 година, Гатузо седел на тревникот пред хотелот во Манчестер, Лаурсен и Амброзини се додавале со топка, а тој уште бил буден и јадел шпагети по празнувањето на големата победа против Јувентус во финалето на ЛШ.  „Бев осми по ред за пеналите и се молев да се заврши сè пред да стигне до мене“. Среќа по него, Шевченко го даде петтиот пенал и Милан стана европски првак.

Гатузо во својата книга пишува и дека со години страдал од несоница по финалето во Истанбул. Се будел во сред ноќ и мислел дека Милан уште води 3:0. Кога Фергусон го викал во Манчестер Јунајтед за да го замени Рој Кин, Гатузо имал проблеми околу продолжувањето на договорот со Милан.

Целата „мака“ ја скратил Пирло. Во својата книга ’Andrea Pirlo: I think therefore I play’, Пирло признава дека еднаш му го украл телефонот на Гатузо и му пратил смс порака на директорот Браида: ’Дајте ми го новиот договор, ќе го потпишам и добро, ќе ве запознаам со мојата сестра’.

СВЕТСКОТО ВО ГЕРМАНИЈА 2006

Неколку непознато анегдоти со Гатузо потекнуваат од Мундијалот во Германија. Пред почетокот на Светското, Каха Каладзе толку многу се мајтапел со Џенаро што овој еднаш станал на сред ручек и го бркал со вилушката, паднал и се повредил.

Лекарите го предупредиле дека можеби нема да се опорави до Светското, а тој им рекол: ’Во Германија ќе играм ако треба и со една нога’. Победата против Германија во полуфиналето му била послатка од онаа против Франција во финалето, затоа што новинарите на Bild го провоцирале дека во нивната земја има многу дојденци од Италија (неговите еден период живееле и работеле во Германија).

По завршувањето на полуфиналето, холандски доктор кој требал да му направи допинг-контрола на Гатузо заспал, затоа што Џенаро од умор цели два и пол часа не можел да даде урина во епруветата.

ТЕПАЧКАТА СО ЏО ЏОРДАН ОД ТОТЕНХЕМ

Од моментите во животот за кој најмногу се кае, Гатузо вели дека тоа е физичкиот напад над помошникот тренер на Тотенхем, Џо Џордан кој на времето бил напаѓач на Милан во ’80-те години. Гатузо го врати Џордан за врат не поради страшниот старт на Паласиос над него кога му отворил рана за 12 конци, туку поради тоа што Џордан се смеел на фаулот над Тиаго Силва.

Се каел и за една тетоважа која што ја ставил во младоста. Што се однесува до соиграчите, вели дека тој покрај Роналдињо делувал како ѕидар покрај уметник.

Пред неколку години го обвинија него и соиграчот Кристијан Броки дека биле вмешани во наместени натпревари само затоа што комуницирале со извесен Франческо Бацани, сопственик на обложувалници во Италија. За шест месеци, Гатузо му пратил 13 смс пораки, но се испоставило дека сите биле за карти и дресови поради што истрагата била затворена.

„Ако имате на терен 22 Гатузовци, мечот би завршил 0:0. НО од друга страна, јас до 12 лета играв на плажа, не знаев да шутирам пенал и не знаев да подавам. Но на крајот освоив Светско првенство и две Лига на шампиони. Значи и на уметниците им се потребни такви како мене“, заклучува Гатузо.