Народен клуб формиран од навивачи

Немаат канцеларии, а ниту спонзор на дресовите. Раководните луѓе се студенти, претседателот им е пожарникар, фудбалерите играат од ќејф, а имаат и верна навивачка група која раководи и ја бодри страствено екипата на секој меч.

Ардита Сан Паоло е првиот фудбалски клуб во Италија кој е во сопственост на навивачите. Името го носи по истоимената населба од Рим, а се натпреварува во „Трета категорија" последната лига по ранг која е под капата на Италијанската фудбалска федерација.

Нивниот концепт потсетува на почетоците на фудбалот. Терен со кал, кафена кроена топка од кожа, тим со играчи кои носат дресови со броеви од 1 до 11, без никакви спонзори и скапи договори за телевизиски права.

Така некако изгледа овој клуб кој е формиран во 2011 година од страна на пет момчиња, кои се уморни од модернизирањето на фудбалската игра која се претвори во бизнис и кои сакале да создадат клуб од народот и за народот.

За време на викендите не одат повеќе на стадионот Олимпико за да ја следат Рома или Лацио во Серија А, туку верни му се на својот тим на кој истовремено се и газди и најверни навивачи.

„Бев 23 години ултрас навивач на Рома, но не жалам. Одењето на стадион остана само за богатите. По сите скандали кои се случија нема повеќе логика да се навива за некои што никогаш нема да ги доживеат и да ги разберат нашите проблеми. Нашите бои сега се жолто-црни, избор кој го направивме свесно, а по мечевите одиме заедно со играчите на пијачка", вели Лоренцо, лидерот на навивачката група.

Ардита има поддршка од 300 навивачи кои од срце навиваат и вложуваат за клубот. Невработените даваат по 30, вработените по 50 евра, а со тоа добиваат попусти во некои помали фирми кои го поддржуваат и го потпомагаат тимот, како печатници, пабови и продавници за музика.

Настапуваат без спонзори на дресовите, а претседателот кој е избран од членовите на навивачката група по професија е пожарникар. Останатите луѓе кои имаа функција во клубот не се богаташи кои се прчат со скапи коли и седат во удобни кожни фотелји, туку се уште студираат.

Голманот Андреа е 24 годишен студент кој настапувал во два пати повисок ранг и кој се откажал од 300 евра месечна плата, но тука вели дека е посреќен затоа што духот и пријателството во екипата се поголеми.

23 годишниот Јакопо кој игра во одбраната дипломирал политички студии, а до местото каде тренира тимот патува 15 километри со автобус.

Во првата сезона фудбалерите на Ардита оствариле по девет победи и порази и осум нерешени, а на крајот завршиле на средина на табелата. Во тимот има 27 играчи, но имаат отворено и конкурс на кој може секој да се пријави и ако се покаже квалитетен во тест периодот ќе стане член на екипата.

На теренот владее страст, ентузијазам и мотивација за победи преку кои се надеваат дека ќе напредуваат и ќе стигнат до повисоко ниво, а главното мото им е повторно да му го вратат фудбалот на народот.

26 декември 2013 - 18:38