Најтешките спомени на Хавиер Занети

Човекот кој има најмногу настапи во историјата на Интер и најмногу настапи воопшто меѓу странците во Серија А, едвај стигнал до првите копачки во животот.

Во Аргентина го доби прекарот "El Tractor", а во Интер го викаа "Il Capitano". Патот до неговиот врвен успех бил најтежок на почетокот кога немал скршен денар.
“Мајка ми Виолета работеше по куќи, а татко ми Родолфо беше ѕидар. Двајцата одеа на работа во 6 часот наутро и се враќаа навечер, а јас за тоа време бев во школо. Јас и татко ми понекогаш работевме кај еден наш роднина во фирма за трговија. Разносувавме млеко, а во слободно време игравме фудбал. Сакав да имам копачки, но беа многу скапи, а парите ни требаа за да преживееме како и за моето школо. Татко ми сам ми направи копачки од стар материјал. Бев пресреќен и во слободното време знаевме по цел ден да го поминеме на фудбал. Тие спомени никогаш нема да ги заборавам.“
Како тинејџер Занети се обратил во младинската академија на Индепендиенте, но му кажале дека нема физички предиспозиции за фудбалер. Потоа му се посветил на школото, а истовремено му помагал на татко му во ѕидарството и транспортот на млекото, како и на роднините во самопослуга.
 
Кариерата ја почнал во аргентинскиот второлигаш Талерес од каде преминал во Банфилд и дебитирал на 20 години против Ривер Плата. Двата најголеми клубови во Аргентина, Бока Јуниорс и Ривер Плата пројавиле интерес за него, но во 1995-та го купил Морати откако го гледал на лента.
 
Останатото е историја, 858 настапи за Интер и 16 трофеи. 
19 јануари 2016 - 11:48