Оформен е во 19 век, но интересно е што во елитното премиерлигашко друштво се приклучи дури во 21 век, поточно на 4 мај 2008 година. Стоук Сити го оформил Хенри Алмонд во 1863 година под името Стоук Ремблерс со ученици од училиштето Чартерхаус.
Првите документи за овој клуб датираат од октомври 1868 година, но Фудбалската Асоцијација на Англија ја има прифатено 1863 година како "датум на раѓање". На самите почетоци Алмонд ја имал капитенската лента, а воедно го постигнал и првиот историски гол.
За екипата на Стоук своевремено настапувал еден од најдобрите фудбалери во историјата на Англија Стенли Мањус (1915-2000) кој поминал две децении во тимот. Најголем белег од постоењето на клубот оставија Џон Мекју со рекордни 675 настапи во педесетите и шеесетите години, како и Ерик Скилс со 592 одиграни натпревари.
Најдобриот стрелец во клубот за сега останува маестралниот Џон Ричи со 171 гол, а зад него се наоѓа Фреди Стил со 140 гола. Стоук Сити и покрај едно и пол вековната историја не може да се пофали со богата витрина, затоа што постојано беше дел од пониските лиги. Единствениот пехар го крена во 1972 година како победник во англискиот Куп, совладувајќи го во финалето тимот на Челси.
„The Potters" по цели 119 години престој на стадионот „Викторија Граунд", во 1997 година се пресели на „Британија Стадиум" со капацитет од 27 598 седишта. Под водство на Тони Пулис како тренер и Питер Коатес кој е претседател на клубот, Стоук го запиша 4 мај 2008 година како историски датум кога беше промовиран во Премиер лигата.
Во нивната прва сезона со прволигашки статус завршија на 12 позиција на табелата со освоени 45 поени, а Пулис ќе остане запаметен како прв тренер кој го однел клубот во финалето на ФА купот. Тоа се случи на 14 мај 2011 година кога на стадионот „Вембли" беше совладан од Манчестер Сити со 1:0.
Убавите денови за тимот кој е само пет години дел од една од најсилните пет првенства во Европа допрва престојат. Минатата сезона успеаа да се квалификуваат во Лигата на Европа, а годинава се единствените фудбалери кои немаат пораз на домашен терен. Тоа е доказ дека Стоук Сити се наметнува како екипа тешко совладлива пред својата верна публика.