Најлудиот трошаџија во кинескиот фудбал

Кога една екипа ќе даде 78 милиони евра за двајца играчи (Рамирес од Челси и Тешеира од Шахтјор), тогаш реален е алармот во европскиот фудбал дека кинескиот пазар би можел да направи цунами во овој спорт.

Од каде е Џиангсу Сунинг?
 
Клубот е основан во 1950-та година од покраинската влада во провинцијата Џиангсу, но тимот не привлекол големо внимание и немал добри резултати. Пред 20 години, немале пари ниту да ја исперат опремата, а од 1995. до 2008. дремеа во втората лига, периодично потсетувајќи дека постојат преку скандали со наместени натпревари. Најголем успех им е сребро во првенството 2012-та и победа во Кинескиот Куп во 2015-та. Сè останато им беше дремка во средината на табелата и борба за опстанок.
 
Клубот менувал неколку сопственици, а парите стигнувале од локалната власт и од извесна компанија за тутун. Сегашниот облик клубот го добил во декември лани кога акциите ги купил најголемиот кинески гигант за електроника, Сунинг Комерц. Трансакцијата била проценета на околу 523 милиони јуани (околу 80 милиони долари).
 
Кој е сопственикот? Зошто троши толку многу?
 
Компанијата сопственик на клубот, Suning Commerce има повеќе од 1.600 продажни места ширум Кина и околу 180.000 вработени. Пазарната вредност на компанијата е проценета на околу 17,8 милијарди долари, а проценките се дека само ќе расте во иднина. Сунинг е трета по големина онлајн продавница во Кина, а за една година го зголемила приходот од продажба на 80%.
 
Претседателот на Сунинг, Жанг Џиндонг го завзема 28-то место на листата на најбогати луѓе во Кина според Форбс, а неговото богатство се проценува на 3,8 милијарди долари. Инаку развојот на клубот Џиангсу јасно се вклопува со новата маркетинг стратегија на компанијата Сунинг, која што тесно соработува во Интернет гигантот Алибаба кој во август купи 20% од акциите на Сунинг за 4,6 милијарди долари. Како што наведоа претставниците на Сунинг, фудбалскиот клуб е важен елемент во моделот „Интернет + спорт", со кој лесно ќе стигнат до младите купувачи.
 
Алекс Тешеира меѓу другото стана најскапиот продаден фудбалер во историјата на Шахтјрот. Пред него Украинците го продадоа Фернандињо во Ман. Сити за 40 милиони евра и Вилиан во Анжи за 35 милиони евра.
 

Инаку Тешеира стана и рекордно најскап играч во историјата на кинескиот фудбал. Зад него се Џексон Мартинез за 42 милиони евра во Гвангжу Евергранд и Рамирес со 28 милиони евра во Џиангсу Сунинг. Тешеира стана и четвртиот најскапо платен Бразилец во историјата. Нејмар е прв со 88,2 милиони евра, Кака е втор со 65 милиони од Милан во Реал и Халк е трет од Порто во Зенит за 55 милиони евра.

„Ќе ги зголемиме вложувањата во развојот на клубот и самата екипа, ќе учиме од најдобрите светски тимови за научниот пристап на тренинзите. Сакаме да изградиме најдобар тим во Азија", изјави претседателот на Џианг Сунинг, Џинг Јингдонг кој призна дека најмногу го гледал и сакал германскиот фудбал.

Што уште има Сунинг?
 

Компанијата е најголем акционер во популарниот кинески видеосервис PPTV, а во 2013-та година компанијата вложила во него 250 милиони долари. Од тогаш, овој канал го емитува шпанското првенство Ла Лига (откупени права за наредните 5 години за 250 милиони евра), англиската Премиер лига (11 милиони долари по сезона) и европската Лига на шампиони. Дневно каналот го гледаат во просек по 70 милиони луѓе.

Покрај тоа, Suning стана и прв кинески спонзор на Барселона. Компанијата има терени за трениинг ширум цела Кина, а најталентираните деца одат на неколку дена во Каталонија.

Зошто Џиангсу Сунинг е толку агресивен на пазарот?

Тимот предводен од Романецот Дан Петреску лани заврши како 10-ти во првенството. Најголема ѕвезда на тимот во 2015-та беше Самир, бразилскиот Хрват кој играше за Коцкестите на неколку големи натпреварувања. Со помош на моќните спонзори и парите, Суниг може да си приушти нови засилувања.

Во Кина постои лимит на странски играчи во тимот и шемата за една сезона е 4+1 (4 странци + 1 Азиец), а во ист момент на теренот може да се најдат само 3+1.

Џиангсу потроши 28 милиони евра за Рамирес од Челси (веќе даде гол за новиот клуб на пријателска против Зенит) и 50 милиони евра за Алекс Тешеира од Шахтјор Донетцк.

Што кажа Дан Петреску?

„Ќе биде чудо ак озавршиме меѓу првите четири екипи. Што се однесува до Алекс Тешеира, мислам дека е многу преплатен. За тие пари можевме да купиме повеќе играчи. Работата со големи играчи не е ништо ново за мене, не е првпат во тимот да имам големи ѕвезди. Веќе тренирав такви играчи во Динамо Москва и други екипи".

Зошто на Петреску му е потребно чудо за да влезе во Топ 4?

Поради недоволниот квалитет на кинеските играчи во тимот. Сега Џиангсу се обидува да потпише макар некој кинески играч, можно е да го купат 22-годишниот играч од средниот ред на Хангжу Гринтаун, Џи Пенгфеи за 6 милиони евра.

Генералниот директор на Хангжу Гринтаун (11-ти во последното првенство), Тонг Хуимин изјави дека ако не се смени системот на управување, овие вложувања во кинескиот фудбал ќе станат бесмислени.

„Мора да воведеме модел на финансиска контрола којшто е усвоен во Јапонија и Кореа. Таму секој тим има право три години по ред да биде во загуба, а подоцна го исфрлаат во пониските лиги".

КИНЕСКА ФУДБАЛСКА РЕВОЛУЦИЈА