Кога мал кинески клуб туку што промовиран во прва лига купува играч од стартниот состав на Рома, а во истиот преоден рок во истата лига заминува и фудбалер од Интер, како и од актуелниот првак во Премиер лигата, тогаш јасно е дека нешто се спрема во оваа земја.
Јануарскиот преоден рок не мина во знакот на некој бомбастичен трансфер во Премиер лигата или во Ла Лига, туку најраздвижено беше во Азија или поточно во Кина, која со 150 милиони евра е вториот најголем потрошувач за засилувања минатиот месец. Први се Англичаните, Германците петти, Шпанците шести.
Оваа зима Џангсу Сунинг му плати на Челси 28 милиони евра за Рамирес, Хебеи го купи Жервињо од Рома за 18 милиони евра, а Интер од Шангај Гренланд заработи 13 милиони евра за Гуарин.
Кинезите за сега не можат да се пофалат со ѕвезди од типот на Бекам, Лампард, Анри, Џерард, Кака и Пирло кои ги грабнаа Американците на залезот од нивните кариери, но во оваа далечна земја на повидок е фудбалска експанзија.
Во Кина играат и Робињо, Паулињо, Тим Кејхил, Демба Ба, Амаури, Мохамед Сисоко, Гуан Азамоа, Стефан М`Бија кој пред неколку дена си замина во Трабзонспор за тригодишна заработка од 25 милиони евра.
КАКО ПОЧНАА?
Гуангжоу Евергранде беше првиот голем чекор кој се прослави низ светот благодарение на успесите кои ги остварија со голем фудбалски стратег и поранешен првак во светот. Освоија пет титули по ред во кинеското првенство, станаа двократен првак на Азија, а лани играа финале во Светското клупско првенство против Барселона.
Успесите им почнаа со Марчело Липи кој освои 5 трофеи, потоа кратка неуспешна авантура имаше Фабио Канаваро, а од минатото лето на тренерската клупа седи Луис Фелипе Сколари кој веќе ја освои кинеската лига и азиската Лига на шампиони.
Поранешниот светски првак со Бразил во тимот има петмина свои сонародници: Робињо, Паулињо, Рикардо Гуларт, Рене Жуниор и Алан Карваљо и фантастична посетеност од 45.000 гледачи во просек по натпревар. 24 годишниот Гуларт се смета за еден од најперспективните бразилски играчи кој дојде од Крузеиро.
Од 2010-та Гуангжоу потроши 150 милиони долари на засилувања, новите газди го купија клубот за 16 милиони долари, но 50% од акциите пред 4 години им ги продадоа на интернет гигантот Алибаба за 190 милиони долари.
КОНКУРЕНЦИЈА
Гуангжоу Евергранде го има Сколари, а Гуангжоу Фули го води Драган Стојковиќ Пикси и тоа е градско дерби. Оваа екипа ја водеше и Свен Горан Ериксон кој од ноември 2014-та е тренер на Шангај SIPG каде игра Азамоа, двајца Бразилци и еден Аргентинец.
Шпанскиот стратег Грегорио Манцано, поранешен тренер на Атлетико Мадрид, Севиља и Мајорка ги води Шангај Гренлад, а во неговиот тим се Демба Ба, Тим Кејхил, колумбискиот репрезентативец Џовани Морено и Гуарин како најново засилување.
Пекинг Гоан го има Алберто Ѕакерони, каде нов член е Ренато Аугусто, еден од четворицата Бразилци кои од шампионот Коринтијас заминаа во Кина. Само минатиот месец во овој клуб пристигнале 42.000 апликации за 27.000 годишни влезници.
ПОПУЛАРНОСТ И АМБИЦИИ
Во однос на посетеност кинескиот фудбал привлекува публика скоро колку МЛС лигата. Новата сезона почнува во март, а ланската регистрирала по околу 22.000 гледачи просечно по натпревар, а тоа се само 200 гледачи помалку од Италија и Франција.
Предвидувањата се дека во новата сезона на стадион ќе одат просечно по 25.000 гледачи, а во 2018 година Кинезите одат со амбиции да имаат трета најгледаната фудбалска лига во светот, веднаш зад Бундеслигата и Премиер лигата.
Имаат пари, политичка волја, инфраструктура, страст, амбиции и огромен потенцијал. Владата лансираше проект според кој веќе наредната година 20.000 училишта ќе го воведат фудбалот како спорт кој ќе се практикува секоја недела.
Гуангжоу со помош на Реал Мадрид ја изгради најголемата фудбалска академија во светот и се очекува поголемо производство на домашните таленти за да не биде лигата зависна само од странци.
Секој клуб може да има максимум по пет странци, од кои еден мора да биде од друга азиска земја, а на терен во исто време е дозволено да играат до четворица странски фудбалери.
Инвестициите во кинескиот фудбал ги поздрави и големиот фудбалски навивач Кси Џенпинг, инаку претседател на Кина кој беше уморен од неуспесите на најнаселената земја во светот на полето во најпопуларниот спорт.
НЕОДОЛИВИ ПЛАТИ
Источна Азија сè уште е релативно културен шок за играчи од Јужна Америка и Европа, но зад кинеските клубови стојат големи бизнисмени кои нудат огромни плати, примамливи за многу познати имиња.
Големи пари почнуваат да се вртат и од телевизиските права. Минатата година телевизиите платија 9 милиони долари за преноси, а оваа година таа сум ќе изнесува 200 милиони долари како дел од петгодишниот пакет за тв права кој изнесува 1,25 милијарди долари.
Во Кина до сега играле повеќе од 150 Бразилци од кои 22-ца дојдоа минатата година. Газдите не седат со скрстени раце и постојано прават испраќаат понуди до големи играчи. По заминувањето од Јуве и враќањето дома, лани Тевез изјави дека одбил годишна плата во Кина од 20 милиони евра, а двојно поголеми примања од ПСЖ одбил Лавеци.
Претседателот на Фенербахче изјави дека кинески клуб доставил понуда од 25 милиони за услугите на Нани, а Подолски добил понуда од 9 милиони евра по сезона, три пати повеќе од тоа што го заработува во Галатасарај. Со вакви сериозни чекори и најави, кинескиот фудбал ќе не скокотне да побараме некој стрим на интернет.