Најконтроверзните моменти помеѓу Челси и Барселона

Челси и Барселона во Лигата на шампиони имаат одиграно 10 меѓусебни дуели, а пред нивниот вечерашен полуфинален натпревар, порталот Goal ги издвои најконтроверзните моменти од нивните средби во минатото.

Овие две екипи за прв пат се сретнаа во сезоната 1999/2000 кога нивниот дуел немаше никакви знаци на ривалство, но од тогаш одиграа уште девет натпревари по што Челси и Барселона станаа најжестоки соперници.

Црвен картон за Дрогба

Челси имаше водство од 0:1 кога Дрогба заработи втор жолт картон по сударот со Валдес. Голманот на Барселона се превиткуваше на теренот и се држеше за левото рамо, но репетициите покажаа дека контактот со Дрогба не беше воопшто страшен.

Теории на заговор

Тогашниот тренер на Челси, Жозе Мурињо беше гневен по црвениот картон за Дрогба, но тој отиде до таму што тврдеше дека судијата Андерс Фриск на полувремето го поканил тренерот на Барселона, Франк Рајкард во својата соблекувална.

Шведскиот судија по натпреварот добиваше смртни закани и наскоро се пензионираше од судење.

Опструкцијата на Карваљо

Реваншот во Лондон се одигра во непријателска атмосфера, а страстите се разгореа по голот на Тери. Фудбалерите на Барселона се бунеа, а сниките потврдија дека тие биле во право. Рикардо Карваљо му попречи на Валдес да го одбрани својот гол, но судијата Колина го призна голот со кој Челси со вкупни 5:4 се пласираше во следната фаза.

Недосуден пенал над Ето

Голот на Тери беше постигнат на 14 минути до крајот и Барселона имаше уште време да израмни, а таква шанса имаше Ето кој тврди дека бил соборен од Карваљо. „Натпреварот во Лондон е едно од моите најлоши сеќавања. Имаше пенал, но судијата Колина не сакаше да го види", изјави Ето.

Точка на вриење

Еден од најконтроверзните двобои во Лигата на шампиони заврши со искри и мешаници. Тренерот на Барселона, Рајкард се судри со тогашниот асистент на Мурињо, Андре Вилаш Боаш, а во мешаницата беа вклучени и фудбалери од двете екипи.

Мелодраматичниот Меси

Судбината сакаше овие две екипи повторно да се сретнат следната година. Уште во 36-та минута Дел Хорно заработи црвен картон за несмасниот старт на Меси. Барса победи со 1:2, а Мурињо саркастично го пофали Меси за неговите актерски способности.

Четири пенали

Во 2009-та година се одигра можеби најконтроверзниот дуел помеѓу Челси и Барселона. Фудбалерите на Челси се бунеа за четири чисти недосудени пенали, а по завршувањето на натпреварот едвај ги додржаа да не го нападнат судијата Овребо кој мораше под заштита на полицијата скришно да биде изнесен од државата.

18 април 2012 - 12:47