Најинтересниот меч во Лига Европа: Малме - Копенхаген преку фасцинантниот мост

Од 24 одиграни натпревари синоќа во ЛЕ, најинтересен беше мечот меѓу комшиите од Шведска и Данска. Копенхаген му гостуваше на Малме, а дистанцата меѓу овие два града е само 43 километри и тоа преку оној фамозен мост.

Натпреварот Малме - Копенхаген заврши 1:1 а го пратеше еден интересен факт.

Растојанието меѓу овие два града од две различни земји е само 43 километри, а кога Малме игра во домашната лига, до најблискиот град Хелсинборг треба да патува 73 километри.

Некои од вас можеби го поминале, некои гледале документарки за него, а речиси сите знаат дека Малме и Копенхаген ги соединува еден од најубавите мостови на светот - Ересунскиот мост.

ВАЖИ ЗА ЕДЕН ОД НАЈДОЛГИТЕ И НАЈУБАВИТЕ ВО ЕВРОПА

Ересунскиот мост-тунел овозможува максимално брзо да се стигне од Данска во Шведска. Неговата должина е 7.835 метри, а висината над водата му е 57 метри. Пилоните (столбовите) се високи 203,5 метри, ширината на мостот е 23,5 метри, а над двете насоки има по четири ленти за автомобили.

На излезот од Малме мостот завршува во средината на протокот (теснецот) Ересун, каде патот продолжува во тунел долг 4.050 метри и кој води до Копенхаген. На овој дел има мало островче кое е наречено Салтхолм.

Интересен детал: во тунелот сообраќајот се одвива во четири цевки - две за возови и две за автомобили. Данска понудила дури и да се направи велосипедска патека, но Швеѓаните одбиле.

Ересунскиот мост го смислиле уште во далечните 1930-те години, но стално нешто го прекинувал почетокот на изградбата: Втората светска војна, па економската криза во ’70-те и на крај почнале да го градат во 1995 година за да го финишираат во 1999-та.

Го отвориле шведската принцеза и данскиот принц точно на средина од патот. После неколку месеци мостот бил пуштен во целосна употреба за сообраќај.

Секој ден преку овој мост-тунел поминуваат околу 75.000 луѓе. Цената за билет во една насока е 50 евра. Само во 2016 година таму вовеле пасошка контрола поради сложената ситуација со мигрантите. Властите во Шведска и Данска очекуваат слободниот премин да отпочне до 2035 година.

Овој мост е неверојатно многу популарен и сакан во Скандинавија. Швеѓаните на пример го ставиле на амблемот за Евровизија кога беа домаќини во Малме 2013 година, а после две години конструкцијата ја насликале и на банкнота од 500 круни.

Но ништо не го прослави мостот, како истоимената серија која излезе во 2011 година.

„Мост“ е серија во жанр скандинавска крими-драма (мрачни детективи) која има 4 сезони снимани од 2011 до 2018. Првата сезона започнува со случка на Ересунскиот мост каде се гасат светлата и наоѓаат труп од жена која лежи точно на границата меѓу Данска и Шведска, па двете земји водат истрага.

Оваа серија брзо стана популарна, а денес постојат седум адаптации на оваа серија.

ИНТЕРЕСЕН ФУДБАЛ И МИРОЉУБИВИ 1-1

Што се однесува до натпреварот меѓу Малме и Копенхаген од групата Б во Лига Европа, гостите од Данска поведоа први со автоголот на Ласе Нилсен во 45+5’ минута од првиот дел, а израмни најдобриот стрелец на Малме Маркус Розенберг во 55’ минута од мечот.

После 2 одиграни кола, во оваа група прв е Копенхаген со 4 бода колку што има и Динамо Киев. Малме е трет со 1 бод а толку освои и Лугано.

Во следната рунда на 24 октомври Малме го пречекува Лугано, а Копенхаген гостува во студениот Киев.

4 октомври 2019 - 11:03