Најголемите 20 таленти во Лигата на шампионите

Дека не играат фудбал само Меси и Роналдо, есенва во Европа покажаа и 20 играчи родени по 1993. година. Досега беа актери на големи натпревари и радарот на скаутите е свртен кон нив.

ДЕРЛИС ГОНЗАЛЕС (1994, БАЗЕЛ)

Швајцарскиот клуб е на меѓу водечките клубови во Европа кога младинската школа е во прашање. Шампионот на Швајцарија често во првиот состав пушта фудбалери од младинските категории и тоа неретко му носи повеќекратна корист. Последното чудо од Базел е Дерлис Гонзалес, фудбалер од Парагвај, кој им даде гол на Реал Мадрид и Лудогорец во групата Б од ЛШ.

Парагвајскиот напаѓач на 9. декември 2009. година со 15 години дебитираше за Рубио Њу, неговиот матичен клуб од Парагвај и така стана најмлад фудбалер во историјата на тамошната лига. Патот го водеше до Бенфика Б, Гуарани, Олимпија Асунсион, а од летово е во Базел. За Парагвај одигра 8 натпревари и даде еден гол.

ЧАНСЕЛ МБЕМБА (1994, АНДЕРЛЕХТ)

Конгоанецот го провлекуваа по медиумите дека ја лажирал возраста и дека има помеѓу 20 и 26 години и три различни возрасти во трите пасоши, тенденција тесно поврзана со африканските земји. Дефанзивецот на белгискиот клуб игра стандардно во домашното првенство, а во ЛШ даде 2 гола против Галатасарај. Мбемба ќе има прилика да се докажува и во Лигата на Европа, на пролет.

ТАЛИСКА (1994, БЕНФИКА)

Го викаат Јаја, поради сличниот начин на игра и долгите нозе како Туре од Манчестер Сити. Талиска игра во нападот и сезонава во португалскиот шампионат постигна 8 голови на 11 натпревари, a нa 4. ноември годинава му даде гол и на Монако во ЛШ. Бенфика не успеа да се квалификува ниту во Лигата на Европа, така што Талиска за сега ќе дрибла само во португалскиот куп и првенство.

ХАКАН ЧАЛАНОГЛУ (1994, БАЕР ЛЕВЕРКУЗЕН)

Има 20 години, а на 18 стана еден од најдобрите изведувачи на слободни удари во германскиот фудбал. Се смета за права 10-ка на модерниот фудбал. Летово од Хамбургер премина во Баер Леверкузен за 14 милиони евра.

КАЛУМ ЧАМБЕРС (1995, АРСЕНАЛ)

Десната бековска позиција не се доверува секому, а особено не на 19-годишен дебитант во Лигата на шампионите. Чамберс ја доби наградата Златно момче на англискиот фудбал. Производ е на младинската школа на Саутемптон, од каде летово дојде во Лондон. Стана редовен репрезентативец кај селекторот на Англија, Рој Хоџсон.

ЛУКАС АНДЕРСЕН (1994, АЈАКС)

Данецот сезонава направи пресврт и во потполност го замени неговиот сонародник, Кристијан Ериксен кој замина во Тотенхем. Де Бур се коцкаше со неговата младост и на крајот доби одличен играч од средината на теренот. Андерсен добро се носеше со везните фудбалери на Барселона и ПСЖ во натпреварите од ЛШ. Ќе игра во ЛЕ на пролет со холандскиот тим.

АЈМЕРИК ЛАПОРТЕ (1994, АТЛЕТИК БИЛБАО)

Баскискиот клуб го обезбеди третото место во групата од ЛШ и ќе продолжи во второто по ранг натпреварување од следната година. Атлетик Билбао можеби не доби колку што очекуваше во Европа, но го доби феноменот Ајмерик Лапорте, Баскиец со француско потекло. Лапорте игра лев бек и се планира за заменик на Патрис Евра во француската репрезентација.

БРЕЛ-ДОНАЛД ЕМБОЛО (1997, БАЗЕЛ)

Иако уште нема 18 години, Емболо веќе постигна гол во Лигата на шампионите. Роден во Камуерун, првите фудбалски чекори ги направи во Швајцарија. Огромниот атлетски потенцијал му овозможува да игра на било која позиција во офанзивата. Емболо е дете на Базел и игра за Швајцарија У21.

МУХАМАДУ-НАБИ САР (1993, СПОРТИНГ ЛИСАБОН)

Татко му Бубакар Сар беше физички доминантен центарфор, а за разлика од него, младиот Мухамаду Сар игра во срцето на одбраната на Спортинг Лисабон. Мухамаду настапува за француската репрезентација до 21 година, а лани освои злато на СП за играчи до 23 години во Турција. Потекнува од фудбалската школа на ПСЖ, стигна и до првиот тим на Олимпик Лион, а во моментов е незаменлив во одбраната на Спортинг Лисабон.

ЈУРИ ТИЕЛМАНС (1997, АНДЕРЛЕХТ)

Везниот играч на Андерлехт уште не е полнолетен, но игра со успех за првиот тим на белгиската екипа. Тактички е зрел и многу лесно асистира до напаѓачите. Дебитираше на 16 години и оттогаш не го загуби местото. За разлика од неговиот тимски колега Мбемба, Тиелманс нема проблеми со возраста и пасошите.

ХУАН БЕРНАТ (1993, БАЕРН МИНХЕН)

Наследникот на Жорди Алба во Валенсија летово потпиша со Баерн Минхен. На инсистирање на Пеп Гвардиола, баварскиот клуб го заштити со откупна клаузула од 10 милиони евра. Бернат е исклучително офанзивен бек и често доаѓа до противничкиот гол.

МАКС МЕЈЕР (1995, ШАЛКЕ 04)

Со неговиот гол против Марибор во Словенија, Шалке се пласираше во осмина финалето од ЛШ. Иако 20-годишниот Турчин Ајхан важи за предводник на новата генерација германски таленти, Мејер веќе си го зацементира местото во првиот состав на Шалке. Со доаѓањето на тренерот Ди Матео, младиот плејмејкер игра стандардно добро.

САУЛ ЊИГУЕЗ (1994, АТЛЕТИКО МАДРИД)

Играше и за „петлињата“ на Реал и за Атлетико Мадрид, по што „јорганџиите“ решија да го истрпат на патот до стандарден првотимец. Игра во средниот ред и веќе ја оправда довербата на строгиот Чоло Симеоне.

АНВАР ЕЛ ГАЗИ (1995, АЈАКС)

Мароканска крв и холандски пасош за малиот Кристијано Роналдо. Важи за избувлив карактер и често влегува во конфликт со судиите и противничките играчи. Го оствари сонот со голот против Барселона на Камп Ноу и веќе го бараат големите клубови од Европа, меѓу кои Јувентус, Тотенхем, Валенсија и Арсенал.

ФАБИЊО (1993, МОНАКО)

Краток период беше во Реал Мадрид, податок што го привлече Монако да го доведе во Кнежевството. Бразилецот е бек со офанзивни карактеристики. Има голем удел во одличната одбрана на Монако, која не прими многу голови во натпреварите по групи. Фабињо му даде гол на Зенит во вторникот.

ДЕНИС ПРАЕ (1994, АНДЕРЛЕХТ)

Веќе неколку години Прае е мета на пола Европа. Откако освои сè со Андерлехт, сака да се проба во посилните лиги во Европа. Три години по ред е стандарден првотимец за Андерлехт во Лигата на шампионите. Има богат репертоар на дриблинзи а го краси и стартната брзина.

ЛУКА ЗАХОВИЌ (1995, МАРИБОР)

Иако 23-годишниот Бохар „се продаде“ со одличните настапи во ЛШ годинава, името за кое допрва ќе се слуша е Лука Заховиќ, синот на Златко, легендарниот словенечки фудбалер. Игра како втор напаѓач, брз е и има добро чувство за реализација.

ВЕНДЕЛ (1993, БАЕР ЛЕВЕРКУЗЕН)

Левото крило во Леверкузен дојде минатиот февруари од бразилскиот Гремио и веќе го доби прекарот новиот Зе Роберто, легендарниот фудбалер на Баерн Минхен и Баер Леверкузен во минатата деценија.

РУБЕН НЕВЕС (1997, ПОРТО)

Новиот продукт на Порто не играше многу во натпреварите по групи, но беше еден од најзаслужните во плејофот за ЛШ против Лил. Невес игра како офанзивен везен играч и веќе е планиран за сениорската репрезентација на Португалија за квалификациите за ЕП2016.

КАРЛОС МАНЕ' (1994, СПОРТИНГ ЛИСАБОН)

Со потекло од Гвинеа-Бисао, земја која што заедно со Бразил извезува најмногу фудбалери во Португалија. Сезонава блеска во средниот ред на Спортинг, екипа од која потекнува Кристијано Роналдо.