Сите погледи на фудбалска Европа синоќа беа насочени кон дуелот на титаните Милан и Барселона, а во исто време во Истанбул се сретнаа Галатасарај и Шалке.
Пред овој натпревар сите говореа за новите засилувања, Весли Снајдер и Дидие Дрогба, но по натпреварот, вниманието е насочено кон Бурак Јилмаз. Стрелецот на единствениот гол за Галатасарај во ремито од 1:1 против Шалке, во моментов заедно со Кристијано Роналдо се најдобри стрелци во Лигата на шампиони со по 7 погодоци.
Сосема заслужено, Јилмаз беше прогласен за најдобар фудбалер во Лигата на шампиони по натпреварите од групната фаза според официјалната вебстрана на УЕФА.
Достигнувањето на моментално најдобриот стрелец во Лигата на шампиони е уште поневеројатно ако се знае фактот дека ова е само трета сезона како тој игра како напаѓач.
Јилмаз ја започнал кариерата во Анталијаспор и играл на крилната позиција. Во 2006-та година за прв пат добива шанса во голем клуб, но не успева да се наметне како крило во Бешикташ. По добрата сезона во Манисаспор, тој по втор пат се обидува во голем клуб, овој пат во Фенербахче, но повторно не ја искористува шансата.
Неговиот потенцијал го препознава прославениот турски тренер Шенол Ѓунеш кој го купува во Трабзонспор и веднаш го префрла на напаѓачката позиција.
Јилмаз блеснува на новата позиција и на 71 натпревар постигна 54 гола и му помогна на Трабзонспор да го освои купот и суперкупот, а за малку им избега и титулата.
Само минатата сезона тој постигна 33 гола на 34 натпревари во турската лига. Вториот најдобар стрелец имаше само 15.
На крајот од минатата сезона Јилмаз за 5 милиони евра премина во Галатасарај. Во турската лига оваа сезона постигна 12 гола и уште 7 во Лигата на шампиони.
Неговиот последен гол беше вистинска мајсторија. На вчерашниот натпревар против Шалке тој го постигна еден од најубавите голови во Лигата на шампиони оваа сезона и ги фрли во сенка Снајдер и Дрогба.