Еден од најголемите фудбалери и фудбалски тренери на сите времиња, Холанѓанецот Јохан Кројф бил сакан и почитуван од целиот фудбалски свет.
Но прошталниот меч одигран на „Олимпискиот“ стадион во Амстердам меѓу Ајакс и Баерн Минхен не го паметел по добро.
Прво, за овој епски натпревар на кој со фудбалот се простува неговиот „најголем син“, ја поканиле Барселона, но како мечот се играл во ноември, а Каталонците тогаш имале пребукиран календар во сезоната, одбиле за некој друг датум.
Тогаш се појавила идеја да се покани славниот Баерн - еден од најголемите конкуренти на Ајакс во ’70-те. Минхенскиот клуб прифатил и се согласил да дојде на пријателска.
На прошталниот натпревар на Јохан Кројф дошле преку 55.000 гледачи. Пред почетната судиска свирка Кројф го поздравиле со громогласни овации и му врачиле многу подароци.
А потоа Герд Милер и компанија го понижиле Ајакс:
Холанѓанецот Мартин Јол (подоцна тренер на Тотенхем и Фулам), тогаш играл за Баерн Минхен и раскажал:
„Во Амстардам никој не не пречека. Долго одевме до хотелот кој беше ужасен. Плус храната беше одвратна. И Паул Брајтнер рече дека се ова е намерно направено, вака не би ја пречекале Барселона да дошла. Кога дојдовме на стадион пред мечот не пречекаа со скандирање ’нацистички свињи’. Пред да влезат на теренот, Брајтнер и Румениге одржаа говор и рекоа: ’Ќе играме до крај како да е финале’.
Играчите на Ајакс свесни дека се игра пријателска, се чудеа кога веќе дадовме три гола.“
Руд Кајзер, кој тогаш играл за Ајакс, раскажал дека Баерн без почит и без уважување се однесувал кон Амстердамците:
„Мислевме дека мечот ќе заврши 4:4 или 5:5. Како другар со другар си рековме: “Да му ја даваме цело време на Јохан, за он да игра пред публиката. Но играчите на Баерн Минхен излегоа на терен како после војна, како да играа во финале на Куп на шампиони. Срамно беше и многу неуважен однос.“
Првото полувреме Баерн го добил со 2:0.
„Се погледнавме на полувреме и рековме: ’Добро, дај да играме сериозно. Пробавме да го направиме тоа, но не можевме да го смениме односот кон мечот’, раскажал Кајзер.
Во второ полувреме Баерн му дал на Ајакс уште шест гола и го понижил пред 55.000 гледачи.
„Сакав свртен со грб да влезам во соблекувална. Срам ми беше, прав кошмар.“
По неговите зборови (во 1978 година Кајзер имал само 17 години), после мечот лидерите на Ајакс влегле во соблекувална и урлале: “Проклети Германци!“ Играчите на Баерн не дошле дури ниту на прошталната вечера која била организирана во чест на Кројф, туку веднаш си заминале.
Подоцна се зборувало дека поради тоа што го прегазиле Ајакс, Баерн не можел да го купи од нив младиот талент Франк Рајкард чиј менаџер бил на прошталниот меч на Кројф и не ги заборавил срамните 0:8.
Дури 30 години после мечот Карл-Хајнц Румениге му се извинил јавно на Ајакс.
Германците и претходно му го „украле“ најголемиот трофеј во кариерата откако во финалето на Светското 1974 Западна Германија ја совладала Холандија со 2-1. Забавна историја од тоа време е анегдотата дека Кројф цела ноќ пред мечот разговарал со жена му по телефон (по нејзина вина во голем дел) и финалето го играл ненаспан.
***
Сезонава Баерн и Ајакс два пати се сретнаа во Лигата на шампионите: Одиграа нерешено 1:1 во Минхен и 3:3 во Амстердам. Во Холандија екипите играа на стадионот „Јохан Кројф Арена“ која минатата година од „Амстердам Арена“ ја преименуваа во чест на легендата.
Јохан Кројф почина на 24 март 2016 година на 68-годишна возраст. За Ајакс одиграл 239 натпревари во холандското првенство каде дал дури 190 гола. Главни трофеи со „копјаниците“ од Амстердам му се 3 пехари во Купот на европски шампиони и 8 титули шампион на Холандија.