Вечерва околу 3.000 навивачи на Арсенал ќе допатуваат во Дортмунд за натпреварот од Лигата на шампиони, но британска инвазија на Вестфален стадионот не е ништо ново или чудно.
На секој домашен натпревар на Борусија Дортмунд пристигнуваат по 800 до 1.000 навивачи од Британија. Зошто? Затоа што ги привлекува амбиентот на еден од последните големи „романтични" клубови во Европа каде влезниците и пивото се евтини, а навивачите се секогаш на прво место и тие ја прават одлична атмосфера на најполниот стадион во светот.
Колку за споредба, Арсенал од еден домашен натпревар заработува дури 45 пати повеќе пари од Борусија Дортмунд затоа што нивниот најевтин билет е два пати поскап од најскапиот во Дортмунд.
Сезонска влезница за навивачката трибина на Борусија Дортмунд, позната како „жолтиот ѕид" чини 190 евра, а најевтината сезонска влезница на Арсенал е за 1.000 евра поскапа.
И Борусија Дортмунд може да заработува многу милиони повеќе од секој натпревар, но не сака. Неодамна снабдувачите побараа цената на пивото кое се продава на Вестфален стадионот да се покачи за само 10 центи, но челниците на клубот тоа не го дозволија.
Филозофијата на Борусија Дортмунд е дека ниту еден навивач не смее да се чуствува како клиент. Токму затоа на секој нивен натпревар стадионот е исполнет до последно место.