Најверните навивачи на Вардар се тргнати во голема офанзива за обезбедување пари и стабилност за македонскиот бренд кој следниот месец се враќа на прволигашна сцена.
По големото славје во бараж мечот против Скопје, Комити целосно се ангажираа и соопштија дека добиле поддршка од 12 скопски општини плус град Скопје кои им ветиле дека ќе помогнат.
Пред нешто повеќе од две години организираа голема акција и продадоа 33.381 билет за спас на Вардар. Сега бараат од симпатизерите да се повтори тој успех кој на клубот би му донел над 500.000 евра доколку се распродаде Градски од сезонските карти по цена од 1.000 денари.
„Вардар е клуб на народот кој има право да знае што се случува, а нашата битка за спас трае буквално три години. Пред нешто повеќе од две години продадовме 33.381 билет во најголемата акција со која сакавме да дадеме време за Вардар да преживее. Оваа акција што ја спроведуваме е продолжение на таа од пред две години, со таргет десет пати поголем. Сакаме да покажеме дека сè е можно, да видиме колку сме, да видиме колку Скопје го сака Вардар. Веруваме дека може да се продадат сезонските карти и да инкасираме над 500.000 евра. Заедно да покажеме како се сака клубот на народот“, рече претставникот на Комити, Милорад Миленковски Мики.
Тој побара и институционална помош, како и бесплатно и доживотно користење на Градски.
„Имаме барање Вардар доживотно и бесплатно да го користи Градски стадион. Тој стадион е изграден за Вардар со самопридонес на населението. Вардар е господар на тој стадион. Еднаш засекогаш сите институции треба да застанат зад Вардар, а не да се штитат олигарсите. Вардар е симболот на Македонија и тоа сите го знаат. Имавме разговори во ПУИГ, во УЈП имавме конструктивни разговори и чекаме каков ќе биде исходот“.
Инаку Миленковски ги спомена и долговите кои ги направиле последните двајца газди на клубот во износ од 2,8 милиони евра и рече дека тука државата затаила.
„Веруваме дека сите ќе застанат во одбрана на националниот бренд. Кога си замина Самсоненко остави долг од 2,4 милиони евра, иако го зеде клубот со чисти сметки. По доаѓањето на Слободан Крстевски долгот е зголемен за 400.000 евра. Ако Самсоненко го исплател долгот од 2.4 милиони евра сега клубот ќе беше на нула. Тука државата требало да превземе мерки, но тоа не се случило, затоа ние застанавме во одбрана на Вардар. Вардар ќе живее ако застанеме сите зад него. Ние вложуваме сè, а не добиваме ништо, само Вардар да биде тоа што заслужува да е“, рече Миленковски.
Инаку сметката на Вардар е блокирана од 2018-та година, а новата сезона стартува на 5 август.