Почитувани навивачи и симпатизери на клубот,
Денес, точно во 19:47ч, симболично ќе започне најголемата акција, за продажба на членски карти, со кои ќе може да се проследат сите домашни натпревари на ФК Вардар, за сезоната 2023/24.
Продажбата ќе ја спроведеме, во соработка со “Пасворд продукција”, преку платформата “МК Тикетс”, со кои успешно ја реализиравме акцијата “Купи билет за спас на ФК Вардар.” Сега е време, за нешто многу поголемо!
Членските карти ќе чинат 1000 денари, и ќе може да се купат онлајн и во живо. Онлајн, преку страницата на “МК Тикетс”, каде што, откако ќе ги наведете потребните информации (Име и презиме, и e mail адреса), ќе ви биде издадена потврда – ваучер. Тој ваучер, ќе може да го замените со пластифицирана членска картичка, веднаш откако истите ќе бидат изготвени.
Покрај онлајн продажбата, ќе постои и опција за купување во живо. Имено, на сите продажни места на “МК Тикетс”, ќе имате можност, да го купите ваучерот, кој подоцна ќе може да го замените со пластифицирана членска карта.
Времето и местото, од каде што ќе може да ги подигнете членските карти, ќе ги објавиме наскоро!
Акцијата, како и претходната, ќе биде спроведена целосно транспарентно. Преку редовни соопштенија и прес конференции, на јавноста секојдневно ќе и го презентираме текот на акцијата. Искреноста и чесноста се наш принцип, а преку оваа акција, уште еднаш тоа ќе го покажеме на дело!
Првата официјална прес конференција, ќе се одржи утре, во 12:30ч, во просториите на “Кино Кисела Вода”. На истата ќе присуствуваат и фудбалерите – херои, како и членови на стручниот штаб. Ги покануваме сите медиуми, навивачи и заинтересирани лица, да присуствуваат, и од прва рака да се запознаат со начелата на акцијата.
Комити, Вардарци, симпатизери на црвено – црната гордост,
Во овој момент, клубот е целосно во наши раце, а со тоа и неговата судбина. Успехот на оваа акција, значи сигурна иднина за ФК Вардар и почеток на една здрава, успешна спортска приказна, која заедно со сите Вас, сакаме да ја изградиме.
Ти кој што ова го читаш, запомни дека ти си Вардар, нема никој друг. Затоа, приклучи се, купи членска карта и дај го својот допринос во заедничката борба. За подобри денови, за многу нови победи и титули, за нашиот Вардар!
За крај, јасно сакаме да потенцираме дека, единствената цел на акцијата, ќе биде – прилив на финансиски средства, за нормално функционирање на ФК Вардар!
Полниот стадион, на првиот домашен натпревар во сезоната 2023/24, нека биде јасна порака дека Вардар ќе живее, воден од своето најсилно оружје – народот!