Барселона по рекорден петти пат во серија стигна до полуфиналето на Лигата на шампиони, а Милан веќе петта сезона не успева да се пласира во оваа фаза на најелитното европско клупско натпреварување.
Овој натпревар ќе биде уште еден аргумент за Мурињо и сите останати кои тврдат дека Барселона е миленик на судиите затоа што клучни за крајниот исход на натпреварот беа два пенали.
Барселона поведе во 11-та минута кога Антонини по клизачки старт во шестнаесетникот го поткачи Меси. Аргентинецот беше успешен реализатор на најстрогата казна и стана најмлад фудбалер кој постигнал 50 голови во Лигата на шампиони.
Милан не се предаде и во 33-та минута Ибрахимовиќ одлично го проигра Ночерино пред голот на Барселона, а фудбалерот за кого Милан плати само 500.000 евра повторно докажа дека вреди многу повеќе и израмни на 1:1.
Во 41-та минута се случи контроверзен момент и најверојатно клучниот момент кој го реши натпреварот. При изведувањето на еден корнер за Барселона, Неста го задржа Серхио Бускетс. Држењето на Неста беше пред да се изведе корнерот, а во моментот на изведувањето, Пујол му направи „кошаркарски блок" и го задржа Неста, но судијата Бјерн Киперс по втор пат покажа на белата точка.
Сигурен изведувач и на овој удар беше Меси што беше негов 14-ти погодок во Лигата на шампиони оваа сезона, со што го израмни рекордот од поранешниот Куп на Европски шампиони кој датира уште од 1963-та година.
Натпреварот беше решен по 8 минути во второто полувреме кога по еден шут на Меси, топката дојде до Андрес Иниеста кој ги постави конечните 3:1.
Во полуфиналето Барселона ќе се сретне со подобриот од дуелот помеѓу Челси и Бенфика, а Челси има предност од 0:1 од првиот натпревар во Португалија.
На вториот денешен натпревар, Баерн Минхен по втор пат го победи Олимпик Марсеј со 2:0. Стрелец на двата гола беше Ивица Олиќ.
Во полуфиналето Баерн Минхен најверојатно ќе игра против Реал Мадрид кој на реваншот со АПОЕЛ ќе брани голема предност од 0:3 по првиот натпревар.