Матеј Гаштаров ѕвездаш до 2031 година

Најголемиот талент на македонската репрезентација, Матеј Гаштаров ја продолжи соработката со Црвена Ѕвезда. Белградскиот клуб објави дека договорот со младиот играч е продолжен до 2031 година.

Црвена Ѕвезда го врза Гаштаров со нов договор, како награда за одличните партии сезонава.

Навивачите на дуелот со Партизан го прогласија за играч на натпреварот.

20 годишниот македонски репрезентативец пристигна во 2024 година од Вардар, а сезонава за Црвена Ѕвезда настапи на 14 натпревари и даде еден гол.

„Многу ми значи новиот договор. Работев многу за да бидам тука каде што сум сега и ова е остварување на сонот што го сонував уште од мали нозе. Сè се одвиваше брзо, но верував во напорната работа, ја дочекав вистинската можност да покажам што умеам и пресреќен сум што сè се одвива вака. 

Новиот договор ми е само дополнителна мотивација да продолжам да работам уште повеќе, внимателно да ги слушам сите барања на тренерот и да ги применувам на теренот за да бидам подобар од ден на ден. На секој тренинг давам 100 проценти од своите можности, добро започнав и планирам да продолжам со истото темпо и во наредниот период“, истакна Гаштаров.

Квалитетите и талентот на младиот дефанзивен играч за врска се видоа и во дресот на Македонија. Гоце Седлоски му даде минутажа на сите четири дуели од Лига на нации и тоа на првите три како стартер.

Покрај Гаштаров, нов договор до 2031 година потпиша и дефанзивецот Стефан Гудељ.

22 октомври 2026 - 09:07