Нема големи и мали кога е во прашање спонзорството на италијанските екипи, бидејќи дури три клубови оваа сезона кои ќе играат во Европа го немаат решено тоа прашање.
Рома како второпласирана екипа која ќе игра директно во фазата по групи во Лигата на шампионите сè уште е без спонзор. Претседателот на клубот, Џејмс Палота не прифаќа понуда помала од 14-15 милиони евра. Се преговара со Етихад кој го спонзорира Манчестер Сити и кој постои можност да биде името на новиот планиран стадион на Римјаните.
Осма година по ред без спонзор на дресовите може да остане Лацио, но следниот месец работите би требало да станат појасно откако ќе се види нивниот исход во плејофот од Лигата на шампионите. Во преговори се со спонзор од Азербејџан кои се заинтересирани да влезат во Серија А.
Со истите проблеми е и Фиорентина, за разлика од Јувентус кој го има американскиот бренд за автомобили Jeep за 17 милиони евра годишно. На прво место е Милан кој на дресовите ја има авионската компанија Emirates за 20 милиони евра годишно и има договор до 2020-та, а Интер и Pirelli се договорени за 14 милиони.
Најинвентивен во новата сезона е производителот за спортска Јома кој пак за Сампдорија направи дресови со вграден звучник кој служи за пуштање навивачки песни.
Италијанските клубови за разлика од ланската сезона кога имаа вкупно спонзорство од 69 милиони евра, сега се на бројка од 84 милиони, но тоа е премалку за разлика од нивните конкурентни лиги каде царува Премиер лигата.
На прво место во топ 5 лигите е Манчестер Јунајтед кој од Chevrolet зема 63 милиони евра годишно, а потоа е Челси со 53 милиони од Yokohama.