20 годишниот Илиев кој во 2012 година од Беласица замина во Арсенал, инспирација за да стане голман добил од неговиот татко Марјан Илиев кој бранел во втората лига во Југославија.
Идол му е Петр Чех, хоби му е пинг – понг, а желба му е во Македонија да ја донесе пејачката Тејлор Свифт. Илиев е член на Арсенал У21 и дел од репрезентацијата на Македонија за играчи до 21 година.
Први го меркаа скаутите на Интер кога на 15 години со Македонија беше прогласен за играч на натпреварот на едно гостување во Турција. По едномесечната проба во Милано каде добил преодна оценка, поради одредени околности не можеле да му понудат договор.
Но со втората шанса сонот му се оствари. Грчки скаут го гледал на средбите против Шкотска и Турција, а потоа го однел на камп на Арсенал во Атина. Во конкуренција на 30 голмани од цел свет, Дејан добил мејл од Лондон и потоа се качил на авион.
Во март оваа година тој го продолжи договорот до 2018-та, а со оглед на праксата на Арсен Венгер за форсирање млади играчи, се надеваме дека наскоро ќе го видиме и во првиот тим, како и во А селекцијата на Македонија.