Луксембург вреди 40 пати помалку од Мбапе и има освоено 24 бода за 87 години

Како и да фати човек да го анализира синоќешното чудесно реми меѓу Луксембург и Франција, на крај само ќе заклучи дека стварно е чудесно. Се работи за 500.000 народ со вкупно пет победи во историјата на мундијалските квалификации. Судеше Александар Ставрев.

Имал ли некој храброст во изминатиов викендашки билтен да ја изигра Франција - Луксембург икс? На Бет 365 коефициент за тој исход беше 41, за победа на Франција 1.01, а за победа на Луксембург 81, а можеше и тоа да се случи бидејќи гостите на 10 минути до крај имаа статива.
 
Делува збеснувачки на толку шанси да не успееме да дадеме гол, рече по средбата селекторот Дидие Дешамп и како да не биде така кога Франција имаше 76% посед на топка, вкупно 34 удари од кои 9 во рамки на гол, наспроти само вкупно 3 удари на гостите.

За разлика од него неговиот колега од спротивниот табор, Лук Холтс изјави дека овој ден е ден за славје во Луксембург. И како да не биде така. Се сретнаа 67 милионска нација против една мала точка на Европската мапа која има помалку жители од Скопје.
Или фудбалска велесила и поранешен светски и европски првак, против селекција која во просек победува во квалификации за Светско еднаш на 17 години. Луксембург во мундијалските квалификации од 1930-та до денес има скор од 5 победи, 8 нерешени и 118 порази.
 
Нивната моментална резултатска форма може да се каже дека е една од најдобрите во историјата бидејќи на 31 август во А групата освоија 3 бода против Белорусија, а на 4 јуни славеа 2:1 на пријателски дуел против Албанија.
 
Ако треба да се направи уште некоја споредба, пазете го ова: Првите 11 играчи на Франција кои го почнале мечот вредат 400 милиони фунти, а оние на Луксембург 27.720.

Инаку со ова прокоцкување на бодови, Франција само си го искомпликува патот до Мундијалот во Русија и ќе мора да брка победи на последните две средби против Бугарија и Белорусија за да остане на прво место и да обезбеди директен пласман. Нјалошото сценарио за нив е да ги загубат и двета дуели и да не обезбедат ниту бараж.
 
1. Франција 17, Шведска 16, Холандија 13, Бугарија 12, Луксембург 5, Белорусија 5
 
Инаку со Луксембург имаме тазе непријатни спомени. Во квалификациите за ЕП 2016, Македонија едвај ги победи со гол во 92-ра минута за конечни 3:2, а кај нив загуби 1:0.
 
4 септември 2017 - 11:12