Лотито обвинува за поткуп и се жали кај Платини

Првиот човек на Лацио, Клаудио Лотито го обвини агентот на турскиот напаѓач Јилмаз за пропаѓањето на трансферот со образложение дека го уценил со 2 милиони евра. Случајот го пријавил кај првиот човек на УЕФА, а навивачите се подготвуваат за протести поради лошата трансфер политика на клубот.

Еден од најдобрите играчи на Галатасарај Бурак Јилмаз кој минатата сезона постигна 8 гола во Лигата на шампионите, на 2 септември денот кога заврши летниот преоден рок во последен момент не стана ново засилување на италијанскиот прволигаш Лацио.

Претседателот на тимот од Рим кој вели дека преговорите биле во завршна фаза, жестоко го нападна агентот Али Езегел кој во последен момент му побарал дополнителни 2 милиони евра за да се случи трансферот.

„Договорот падна, а за тоа можете да го прашате и претседателот на Галатасарај. Јилмаз чинеше 13 милиони евра плус дополнителни 2 милиони евра бонус. Откако се договоривме, бев убеден дека ќе ја завршиме зделката. Но ми стигна мејл од неговиот агент кој од договорените 2,5 милиони евра годишна плата ми побара 2,8 милиони и додатни 2 милиони евра кои треба да ги исплатиме за време на потписот. Така реков дека не може да преговарам", изјави Лотито за италијанските медиуми.

Tој за целиот случај го известил и претседателот на УЕФА, Мишел Платини и сака да го тужи за обид за поткуп агентот на Јилмаз. Во јавноста открива уште еден интересен детал, а тоа е дека во канцеларијата му дошол турскиот амбасадор кој му рекол да плати 15 милиони евра за трансферот.

Со пропаѓањето на овој трансфер најбесни беа навивачите на Лацио кои ги обвинуваат Клаудио Лотито и спортскиот директор Игли Таре за празните и неисполтени ветувања во преодните рокови, а преку електронска пошта им испратиле и пораки со смртни закани.

Тимот кој минатата сезона го освои историското финале во Купот на Италија со победа против вечниот ривал Рома за сега останува со двајцата напаѓачи Клосе и Флокари, а замена за нив ќе бидат новото име од Колумбија, 20 годишниот Брајан Переа и Кеита кој доаѓа од младинскиот тим на Лацио.

Покрај овој пропаднат трансфер, Лацијалите се соочуваат со уште еден проблем, а тоа е потпишувањето на албанскиот голман Етрит Бериша. Откако римјаните го потврдија ова засилување, екипата на Киево испрати жалба до ФИФА со образложение дека имале преддоговор со играчот кој треба да стигна во јануари.

Навивачите на Лацио овој викенд се подготвуваат за протести пред седиштето на клубот каде планираат да го искажат својот револт против лошата трансфер политика на Клаудио Лотито со кој се "во војна" веќе подолго време.

5 септември 2013 - 18:04