На четири дена пред првото историско германско финале во најсилното клупско европско натпреварување, фудбалската елита почна да се собира во Лондон, градот каде со неколку спортски евенти ќе се одбележи јубилејната 150 годишнина од постоењето на ФА.
Утринава, поранешниот фудбалер на Реал Мадрид, Кристијан Карамбе и англиската фудбалерка Кил Литл, придружувани од повеќе деца, официјално ја отворија базата на Лигата на шампионите која во форма на фудбалски терен е поставена на плоштадот „Трафалгар Сквер" каде ќе бидат изложени пехарите од двете финалиња од ЛШ за мажи и жени.
Попладне, поранешниот англиски фудбалер Стив Мекманаман кој е назначен за амбасадор на Лигата на шампионите за 2013 година, ќе отвори фудбалски терен во Пимилико, област во централен Лондон. Игралиштето е подарок од УЕФА за јубилејниот роденден на ФА.
Најинтересниот момент од првиот ден е оставен за вечер, кога на плоштадот „Трафалгар Сквер" во 3Д ќе биде прикажан историјатот од Лигата на шампионите, а потоа и патот на Баерн Минхен и Борусија Дортмунд до големото финале. Целото видео ќе се прикажува три пати дневно се до петок.
Утрешниот ден (четврток) ќе биде посветен на женскиот фудбал, а љубителките на фудбалот ќе имаат можност да се дружат со познати фудбалерки. Сето ова ќе се случува во очи на финалниот натпревар од Лигата на шампионите помеѓу женските екипи Волсбург и Олимпик Лион кој ќе се одржи на „Стемфорд Бриџ".
Додека ова се случува во Стретфорд, централен Лондон, Футсал легендите Рикардињо и Чави Родригез во „Трафалгар Сквер" ќе ги покажат своите вештини заедно со уште едно 11 годишно талентирано момче и ќе се обидат да ги охрабрат младите играчи кои се занимаваат со футсал.
Во петок футсал ѕвездите ќе се појават пред Меѓународниот кварт во Сретфорд, пред стартот на натпреварот помеѓу футсал екипата на Барселона до 23 години и Англиската футсал репрезентација. На овој меч ќе учествуваат Кафу и Роберт Пирес.
За сабота е закажано и Светското фристајл првенство во фудбал, по кое ќе следи шлагот на тортата на стадионот „Вембли" каде ќе истрчаат екипите на Баерн Минхен и Борусија Дортмунд.