Финалистот од Лигата на шампиони, екипата на Челси ги загуби и теоретските шанси да ја освои четвртата позиција со која ќе избори пласман во квалификациите за ова натпреварување, па за место во најелитното европско натпреварување ќе треба да триумфира на финалето против Баерн Минхен. Но ако се покажат во исто светло како и денес, тогаш црно им се пишува на 19 мај.
Ивановиќ ја погоди стативата во 16-та минута, по што до крајот на првото полувреме следеше доминација на домаќините.
Ливерпул поведе во 19-та минута откако Суарез се проби по десната страна и шутираше кон Есиен кој си ја заби топката во својата мрежа.
Џордан Хендерсон по шест минути ја зголеми предноста откако ја искористи грешката на капитенот Џон Тери, а во 29-та минута Ливерпул со голот на Даниел Агер веќе водеше и со 3:0.
Пред крајот на првото полувреме домаќините може и да го зголемат водството од белата точка, но Стјуарт Даунинг ја погоди стативата.
Челси намали на стартот од второто полувреме преку Рамирес, а конечните 4:1 ги постави младиот Џонџо Шелви во 61-та минута по грешката на резервниот голман на Челси, Рос Турнбул.