Извршниот Комитет на УЕФА усвои неколку новости за следнит три сезони во Лига на шампиони, Лига Европа и Суперкуп на Европа. Ќе гледаме фудбал и од 21 часот.
Од сезоната 2018/2019 на сила ќе стапи правилото на четврта измена од клупата за резерви која ќе може да се изведе само во продолженијата од нокаут фазата (после групната фаза). Оваа измена нема да влијае врз досегашното право на три измени.
УЕФА притоа дозволи и за финалињата на Лига на шампиони, Лига Европа и Суперкуп на Европа екипите да имаат вкупно 23 фудбалери во составот наместо досегашните 18. Ова ќе им овозможи на екипите да имаат на располагање 12 резерви на клупата наместо класичните 7. Со ова на тренерите им се дава повеќе простор во водењето на екипата на најважниот меч во сезоната.
НОВИ ТЕРМИНИ
Квалификациите за Лига на шампиони, како и сите натпревари од групната фаза, осминафиналето, четвртфиналето, полуфиналето и финалето ќе започнуваат во 21 часот, со тоа што секое коло во групната фаза два меча во вторник и два меча во среда ќе почнуваат во 18:55. Сите натпревари од последното коло поради чиста слика на крајот, ќе се играат истовремено.
УЕФА Суперкупот ќе се игра на 15. август годинава во главниот град на Естонија, Талин, на стадионот „Лилекула“
Натпреварите од Лига Европа, од групната фаза па до осминафиналето ќе се играат од 18:55 до 21:00. Последното коло од групната фаза во секоја група ќе почне во исто време, а четвртфиналето, полуфиналето и финалето на Лига Европа ќе почнат во 21:00. Евентуални исклучоци може да направи само УЕФА.
РЕГИСТРАЦИЈА НА ИГРАЧИ
Во однос на регистрацијата на фудбалери по групната фаза во Лига на шампиони и Лига Европа, еден клуб ќе може во составот да регистрира тројца нови фудбалери без никаква рестрикција како досега. Оваа промена доаѓа во склад со нормативите во европските фудбалски првенства каде играчите немаат проблем со регистрацијата ако на зима сменат клуб.
АМБЛЕМОТ
Како што веќе беше во Лигата на шампионите, сега од почеток на сезоната 2018/2019 екипите кои ќе ја освојуваат Лига Европа три пати по ред или минимум пет пати ќе може да носат посебен, специјален амблеб на својот дрес.
Единствената екипа која што следната сезона ќе може да го носи овој грб ќе биде Севиља која што на чудесен начин дури пет пати го освојуваше ова натпреварување (2006, 2007, 2014, 2015, 2016).