Лацио и Милан од секогаш си го имале на ти го дај ми го

Дербито на 3. коло од новата сезона во Серија А се игра во недела во 15:00 часот, а се среќаваат екипи кои често тргуваат меѓусебно и си разменуваат играчи. Еве неколку примери од Диего Фузер до Лукас Биља. Петмина капитени на Лацио направија трансфер во Милан.

ДИЕГО ФУЗЕР (Од Милан во Лацио)
Диего Фузер фати две златни сезони во Милан 1989/1990 и 1991/1992, а тие му донесоа Скудето, Лига на шампиони, Супер Куп на УЕФА и Интерконтинентален Куп. Откако ја одигра втората сезона во Милан каде немаше голема минутажа, направи трансфер во Лацио за 7 милијарди лири (3,5 милиони евра). Во Рим остана шест сезони на кои одигра 242 меча, постигна 42 гола и го освои Купот на Италија како капитен.

АЛЕСАНДРО НЕСТА (Од Лацио во Милан)
Една од најболните точки во историјата на Лацио за навивачите е продажбата на нивниот симбол, Неста кој беше дете на клубот и кој важеше за еден од најдобрите дефанзивци во светот. Неста освои 7 трофеи со Лацио за 9 сезони, но клубот се соочуваше со големи финансики проблеми и претседателот Серџо Крањоти одлучи да му го продаде на Милан за 30 милиони евра. На Сан Сиро играше од 2002-ра до 2012-та и освои 10 трофеи.

АЛБЕРТИНИ ЗА ПАНКАРО
Следното лето 2003-та година Лацио и Милан се договорија за трампа. Во Милано замина левиот бек Џузепе Панкаро кој ги фати убавите денови во Лацио каде играше од 1997-ма до 2003-та, а на Олимпико пристигна една од легендите на Милан, Деметрио Албертини кој го носеше дресот на Росонерите 14 сезони. Панкаро во Милан играше две сезони, а Албертини во Лацио една.

ЈАП СТАМ (Од Лацио во Милан)
Соработката на линија Милано - Рим продолжи следната година 2004-та кога во Милан заигра уште еден важен играч од одбраната на Лацио. Се работи за столбот Јап Стам кој во 2001-ва од Манчестер Јунајтед премина во Лацио, а во 2004-та кариерата ја продолжи во Милан. Во однос на трофеи не му се усреќи многу во Серија А. Освои Куп на Италија со Лацио и Италијански Супер Куп со Милан.

МАСИМО ОДО (Од Лацио во Милан)
Голем впечаток во Лацио остави и бекот кој беше дел од светскиот првак Италија во 2006-та. Играше 5 сезони во Рим, ја носеше капитенската лента, освои Куп на Италија, а во 2007-ма година направи трансфер за 10 милиони евра. Милан му донесе Скудето, Лига на шампиони, Супер Куп на Европа и Светско клупско првенство.

KРИСТИЈАН БРОКИ (Од Милан во Лацио)
Беше дел од младинскиот сектор на Милан, а потоа играше 6 сезони во кои освои 6 трофеи. Во 2008-ма направи трансфер во Лацио, а по сезоната 2012/2013 мораше да се пензионира поради повреди. Направи кам бек во Милан каде беше тренер и на младинците и на сениорите.

ЛУКАС БИЉА (Од Лацио во Милан)
Последниот трансфер меѓу овие два клуба се случи летово кога по долга неизвесност Лацио на Милан му го продаде командантот од средниот ред и капитен за сума од 17 милиони евра плус бонуси од 3 милиони.

9 септември 2017 - 12:01