Луј Ван Гал беше потиштен. Тоа не беше ништо ново, иако неговата лутина овој пат беше целосно оправдана. Сезоната 1997/1998 започнуваше, а делот од мозаикот кој Ван Гал го бараше уште не беше стигнат. Деновите поминуваа.
Барса едвај со 3:2 ја победи Сконто Рига од Латвија во првото коло од квалификациите за ЛШ. Ѕвездата од претходната сезона, Бразилецот Роналдо беше на пат да потпише со Интер, а публиката стана нестрплива и нервозно бараше одговори од управата. На Камп Ноу имаше тензии.
Беше јасно дека на клубот му треба катализатор, некој способен да смени сè. Така, претседателот Хосеп Луис Нуњез реши да игра отворено и влезе all-in со 26 милиони евра за откупната клаузула на Бразилецот од Депортиво де Ла Коруња - Ривалдо Витор Борба.
Ван Гал конечно го доби парчето од пазлот, играч кој ќе го поведе неговиот нов проект. Ерата на Ривалдо во Барселона и односот топло-ладно меѓу него и неговиот нов, специфичен тренер започна.
Само неколку минути откако Ривалдо слетал во Барселона, секој Каталонец сфатил што го чека тимот: Ривалдо не бил баш пријатен. Ја немал онаа магична насмевка со која Роналдињо подоцна ќе ја освои Каталонија, ниту свежината на младиот Роналдо, или спокојот на Ромарио.
Ривалдо беше приказна за себе. Дај му ја само топката и тој со левицата ќе ја смести во аголот на противничкиот гол. Кај него немаше рабони, еластикас или еспалдињас: човекот кого го викаа Риво немаше време за декорација. Неговиот шут беше како граната. Тој важеше за машина без поезија, Терминатор.
Ван Гал сега имаше „Латино“ верзија од својот Ајакс, а Ривалдо беше клучен играч. Бразилецот стана ѕвезда на тимот.
Во првата сезона, „Риво“ потигна 27 голови и го однесе тимот до двојна круна (Ла Лига и Куп). Изгледот на Барса тогаш не беше чудесен и сезоната започна многу тешко - Барса заврши последна во групата од Лигата на шампионите по двата порази од Динамо Киев на клинците Ребров и Шевченко. Но тоа го надоместија со два трофеи во Шпанија.
Првата сезона откри и некои проблеми во проектот на Ван Гал. Тимот никогаш не стана пријателски расположен, а и како можеше кога тренерот и главната ѕвезда беа се освен пријателски расположени?
Сенка на каталонската прослава на трофеите фрли Реал Мадрид кој таа сезона ја освои Лигата на шампионите во Амстердам.
Следната сезона, 1998/99 повторно ја одбележа Ривалдо (замислете дека играше до 2015-та). Постигна 29 голови на 46 меча и помогна Барселона да ја одбрани титулата. Притоа Ривалдо ја освои Златната Топка и ФИФА наградата за најдобар играч на светот во 1999. година.
Неколку години подоцна Ван Гал раскажа една анегдота: Откако Ривалдо ги примил наградите, ги донел трофеите пред играчите на Барса на еден тренинг. Тренерот мислел дека Риво едноставно сака да им се заблагодари на сите и да ја сподели наградата со тимот, но не било така. Напротив: Ривалдо кажал дека тој е најдобар на светот и дека треба да игра каде што ќе посака. Барал да го префрлат во средината на теренот.
Ван Гал го одбил тоа и го казнил со неколку меча на трибините. Врската меѓу нив пукна и тимот трпеше последици. Ривалдо се врати во првиот тим, но ништо не се смени.
Сударот на егата резултираше лошо. Валенсија и посебно нивниот пеколен шпиц Клаудио ЛЛопез станаа кошмар за Барса. Најдобар пример за тоа беше полуфиналето од ЛШ 1999/2000 кога Валенсија славеше 4-1 на Местаља и се пласираше во финалето.
За малерот да биде поголем, Барса ја загуби титулата таа сезона која што ја освои стариот тим на Ривалдо, Депортиво Ла Коруња. Тоа беше тежок удар за Ван Гал кој го напушти клубот по расправијата со претседателот Нуњез.
По неколку епизоди, Ривалдо го раскина договорот во летото 2002. година, само неколку недели откако го освои Мундијалот со Бразил во Кореа и Јапонија. Замина за Милан каде започна авантура која го однесе во Грција, Узбекистан, Ангола, Азербејџан и конечно во родниот Бразил.
Ако нешто го карактеризираше Ривалдо, тоа беше однесувањето да тера по свое. Ја освои Златната Топка, беше заслужен за СП 2002, но публиката секогаш ќе го памети Роналдо како архитект на тој успех.
Во групната фаза од ЛШ 2000/2001, Барса играше против Милан. Мечот заврши 3-3, Ривалдо направи многу нешта за Каталонците, но не беше доволно, Барселона заврши трета во групата и испадна.
Оние кои го следат шпанскиот фудбал, сигурно знаат дека пост-Ван Гал ерата не беше многу за фалење. Следните три и пол години до доаѓањето на претседателот Жоан Лапорта во летото 2003, клубот го минуваше најцрниот период во својата историја. Од 1998 до 2003, Реал Мадрид со своите Галактикоси си поигруваше со лутиот ривал.
Во финишот од сезоната 2000/2001 кога Барселона испадна во групната фаза, Блауграна беше петопласирана и во последното коло мораше да ја победи Валенсија за да обезбеди место во ЛШ.
Во 87’ минута при резултат 2-2 (Ривалдо и Рубен Бараха дадоа по два гола) се изгледаше дека „Лилјаците“ сигурно ќе одат во елитното друштво. Во еден момент Франк Де Бур центрираше, Ривалдо ја прими топката и...
Камп Ноу се затресе, а тренерот Карлес Рексач кој секогаш делуваше опуштено, урлаше од радост што се случи. Славјето на Жоан Гаспар во ложата стана епско.
„Еден ден на тренинг го видов Ривалдо како шутира несоодветно наместен со телото. Се обидов да му кажам дека полесно ќе биде ако природно се намести, но тој не ме перцепираше. Следниот ден даде еврогол и го оставив да прави како сака. Никој ме можеше да се објасни со него“, раскажа во една прилика толерантниот Карлес Рексач.