Светската фудбалска федерација (ФИФА) поминува низ еден од најтешките и најскандалозни период од своето постоење. Огромна црна дамка на работењето на ФИФА беше фрлена по корупциските скандали со изборот на домаќините за Светските првенства во 2018-та и 2022-та година, но претседателот и неговите најблиски соработници беа вклучени во серија скандали уште од поодамна.
Дел од овие проблеми најверојатно ќе се решат на конгресот во мај 2013-та година каде ќе учествуваат 209-те членки. Извршниот комитет во моментов работи на прецизирање на промените во ФИФА, а се очекува реформите да опфатат 10 главни теми.
Првиот предлог со кој ќе се избегнат скандали како оној со изборот на Катар за домаќин на СП 2022 е на гласањето за земја домаќин на Светско првенство да учествуваат сите 209 членки на ФИФА, а не само членовите на Извршниот комитет кои можат да бидат лесно поткупени.
Во иднина претседателот на ФИФА треба да биде помлад од 72 години и нема да може да остане на функцијата повеќе од два мандати. Актуелниот претседател, Сеп Блатер има 76 години и во моментов го извршува својот четврти мандат.