Компани бара кум за својот клуб

Капитенот на репрезентацијата на Белгија и Манчестер Сити, Венсан Компани си купи фудбалски клуб во својата родна земја и ќе го менува од корен. За почеток тој ќе го смени името на клубот и тоа со помош на навивачите.

Венсан Компани максимално си го искористува своето слободно време. Белгиецот кој е познат како еден од најинтелигентните фудбалери и кој во младоста го одбил Манчестер Јунајтед за да може да го заврши факултетот, минатата година во Манчестер се запишал на постдипломски студии.

Освен што не му е доста со учењето, на Компани не му е доста ни од фудбалот, па решил дополнително да се ангажира во спортот и тоа со негов личен фудбалски клуб.

Тој неодамна го купи белгискиот третолигаш Биелд и сака целосно да го трансформира овој фудбалски клуб. Клубот ќе добие ново лого, нови бои, нов слоган, нови дресови, а трансформацијата ќе започне со ново име.

Но Компани нема сам да го избере името на клубот, туку бара помош од вас. Тој има само желба името на клубот да има некаква асоцијација со неговиот роден град Брисел.

Венсан Компани дури и го избриша стариот вебсајт на клубот и го стартуваше WeStartFromScratch.com (што би се превело „почнуваме од нула") каде и вие можете да дадете предлог за новото име на клубот.

На неговиот клуб ќе му биде добредојдена помошта од новиот газда затоа што по 28 одиграни кола тие се на последната позиција во третата лига со само 2 победи.

3 април 2013 - 09:44