Во Серија А играат расни напаѓачи. Игуаин, Џеко, Мертенс, Икарди, Имобиле и Белоти кои дадоа повеќе од 120 гола во лигата сезонава. Во таква ситуација можно е да не сте забележале дека во Џенова се појави перспективен млад центарфор, способен да воодушеви во иднина.
Сампдорија денес може да биде горда на своите скаути во Источна Европа кои најдоа дете кое на „Мараси“ стигна сосема неприметно за 4 милиони евра од Спарта Прага а денес му го продадоа на Јувентус за 30,5 милиони евра, додуше на три годишни рати.
КОЈ Е ПАТРИК ШИК?
Роден на 24 јануари 1996 година во Прага, а фудбал почнал да тренира во тамошниот гигант Спарта Прага. Откако со својата висина бил доминантен во младинските категории и дал 22 гола на 29 меча, корпулентниот Шик бил прекомандуван во првиот тим.
Дебитирал за Спарта на 4. мај 2014 година во 27. коло, пред крајот од првенството против Теплице кога во 84’ минута влегол место Јозеф Хушбауер.
До крајот од таа сезона истрчал само неколку минути на два меча на колку што се појавил и следната сезона но може да се пофали со освоената двојна круна шампионска титула и Купот на Чешка.
Во 2015/2016 Спарта решава да го позајми Шик во Бохемијанс 1905 и тоа за младиот Патрик бил полн погодок затоа што дал 8 гола и 7 асистенции на 27 меча што било причина да го викнат во младинската репрезентација.
Играл за Чешка У16, У-17, У-19 и за У-21, селекција која што сам со 10 гола во квалификациите ја однесе на Европското првенство. Чесите синоќа ја декласираа Италија У-21 со 3-1 и се најпријатно изненадување на ЕП 2017. Патрик Шик веќе запишал и 5 настапи за сениорската репрезентација на Чешка за која дебитираше во квалификациите за ЕП 2016 против Малта (6-0) кога даде и дебитантски гол. Вкупно до денес има 5 настапи и 1 гол за Чешка.
Во 2016-та ја доби наградата за најдобар млад фудбалер во Чешка, а за помалку од една година му се оствари сонот да игра на Европско првенство и да стигне во една од ТОП5 лигите на светот.
На 13. јули минатата година Сампдорија го купи Шик од Спарта Прага за 4 милиони а високиот шпиц го доби бројот 14. После скоро еден месец, на 14 август дебитираше за Самп во Купот на Италија. Во Серија А првпат заигра недела дена подоцна во триумфот од 0-1 против Емполи.
Иако почнуваше од клупата затоа што предност имаа Кваљарела и Муриел, првиот гол Шик го даде против Јувентус во Торино кога го изработи Киелини и го матираше Буфон. Тогаш почна неговата голгетерска серија и на крајот од првата сезона во Италија стаса до 11 гола со 6 асистенции на 32 меча за Сампдорија.
Најновото засилување на шампионот Јувентус е врвен шпиц кој иако е висок 187 сантиметри, има добра контрола на топката а еднакво добро се снаоѓа во шеснаесетникот и надвор од него. Најголема предност му е секако тоа што има само 21 години и важи за огромна перспектива на Јувентус и репрезентацијата на Чешка.