Во 1970 година, само четири дена после поразот на репрезентацијата на Англија нa Светско првенство, во земјата имало парламентарни избори.
Незадоволните Британци за испаѓање од Мундијалот ги кривеле селекторот, голманот и Лабуристичката партија. Од 1966 година репрезентацијата на Англија и навивачите чекале голем триумф. По успехот на домашниот Мундијал, Британците имале големи апетити.
Големата еуфорија се префрлила и на Даунинг стрит. Во 1964 Лабуристите (една од двете најголеми партии во Британија) победила на изборите, а нивниот лидер Харолд Вилсон станал премиер.
По успехот на Светското 1966 Вилсон рекол: „Додека Лабуристите се на власт, Англија ќе биде Светски шампион“.
После четири години му ги памтеле овие зборови.
Вилсон убедувал дека Англија и натаму ќе победува, па решил изборите во 1970 да ги закаже за 18 јуни, во самата кулминација на Светското првенство. Премиерот сметал дека ова е добра идеја зошто во голем патриотски набој гласачите ќе ја поддржат владата во чие време се освоило злато.
На Мундијалот 1970 во Мексико, англиската фудбалска репрезентација се појавила во многу силен состав. Како и претходно во 1966 кога станале светски прваци, и овојпат во состав биле Алф Рамзи, Гордон Бенкс, Боби Мур, Џеф Херст.
По традиција снимиле и нова песна. Ако хитот Football coming home бил напишан во 1966 (го возобновнија во 2018), 4 години подоцна на БиБиСи се појавил спот за песната Back Home од групата Golden Earring.
Ама дека Светското првенство не е обичен турнир, Англичаните се увериле уште во групата со Бразил, Романија и Чехословачка. Поразот од Бразил го правдале со аклиматизација и специфични услови на стадионот (играле во Гвадалахара на 1.500 метри надморска висина).
Но поразот не ги погодил многу зошто одважно сметале дека ќе се реваншираат во финале.
Завршиле второ место во групата и поради тоа не оделе на Перу туку им паднала Западна Германија, селекција која претходно во 1966 стигнала до финале но изгубила на Вембли во продолжение.
Германците играле со асови како Франц Бекенбауер, Уве Зелер, Герд Милер и Берти Фогтс.
Во четвртфинале Англија водела 2:0 до 68 минути, но селекторот Рамзи го понела еуфорија и сметал дека може да си дозволи да пушти резерви со цел да ги одмори главните играчи пред мечот во 1/2 финале со Италија.
На голот наместо болниот Бенкс бранел Питер Бонети, голман на Челси кој токму таа вечер го имал најслабиот меч во кариерата. Прво направил кикс за голот на Бекенбауер, а во 82' минута испливал во празно и Зелер израмнил на 2:2.
Во продолженијата Бонети направил нов кикс и во 108' минута Германија направила тотален пресврт. Грабовски центрирал од десно на втора статива, Бонети слабо го проценил летот на топката и Милер ги поставил конечните 3:2.
Како и репрезентацијата, така и Владата сметала дека држи се под контрола. Лабуристите за шест години направиле неколку грешки: економските реформи биле неуспешни, а влез во Европски економски сојуз им блокирал Шарл де Гол.
На неколку недели до изборите, поддршката им паднала за 8%.
Веќе следниот ден после тешкиот пораз од Германија, на средба со гласачите излегол Рој Џенкинс од Лабуристичка партија. Тој наместо политичката програма, морал да го објаснува дебаклот на репрезентацијата.
Во една фабрика во Бирминген не го прашувале за проблеми со имиграција или услови за работа, туку за тоа кој е повиновен за испаѓањето од Светско првенство - селекторот Ремзи или голманот Бонети.
20 години после тие настани, тогашниот министер за спорт Денис Хауел напишал во мемоарите: „Во тој момент кога Бонети го прими третиот гол по грешка, опадна и нашата партија“.
Лидерот на Конзервативната партија Едвард Хит го искористил моментот и успеал да победи на изборите. Но тој на власт останал три години, после што на следните избори Харолд Вилсон одново победил. Овојпат без преголеми ветувања за фудбалската репрезентација.