„Сампаоли не е мој ученик, тој е подобар од мене. Една од главните предности на еден тренер е флексибилноста, но јас не отстапувам од моите идеи и тоа е мој недостаток. Хорхе може да отстапи од своите принципи во служба на екипата“, изјави легендарниот Марсело Бјелса во мај.
Оваа изјава не е откритие туку одлично ја карактеризира работатата на селекторот на Аргентина, Хорхе Сампаоли. Уште во времето кога работел во скромни клубови во Перу и Чиле го сметале за наследник на Бјелса, но тој покажал пошироки видици.
„Кога дојдов во репрезентацијата на Чиле брзо сфатив колку стоиме праволиниски на теренот. Немав индивидуално снажен стопер па решив да ги поставам принципите на Бјелса и Гвардиола за постојан посед на топка. Играчите беа должни да играат со вертикални додавања“, објаснува Сампаоли со кого Чиле го играше најубавиот фудбал пред неколку години.
Интересно, него на клупата му помага младиот Матијас Мана којшто почнал како блогер да ги запишува статистиките на Пеп Гвардиола како играч и како тренер на почетокот на ’2000-те.
Мана бил на Светското 2010 во улога на аналитичар на репрезентацијата на Чиле со која тогаш раководеше Бјелса. Откако заминал од селекцијата на Чиле заедно со ветеранот Бјелса, Мата го напуштил фудбалот и се посветил на студиите по комуникации. Во фудбалот повторно го враќа Сампаоли со кого работеше на клупата на Чиле, па во Севиља и денес во стручниот штаб на Аргентина.
ЗОШТО АРГЕНТИНА МОЖЕ ДА ТРГНЕ ПО ЗЛАТОТО НА МУНДИЈАЛОТ?
Идејата за поголем процент на посед на топка и висок пресинг Сампаоли продолжил да ја развива во Севиља и денес во репрезентацијата на Аргентина. Минатата сезона Андалузијците станаа трета екипа по високиот процент на посед на топка во Ла Лига (64%, пред нив биле само Лас Палмас на Кике Сетијен и Барселона).
Интересно веднаш откако седна на жешката клупа на „Гаучосите“, Хорхе Сампаоли уште на првите контролни средби (против Бразл) имаа просечен посед на топка околу 66,8%. Притоа тој не отстапува од двајца играчи за врска зад средниот ред (Биља-Пизаро, Пизаро-Банега, Биља-Перес).
Главен проблем на Аргентина кај Сампаоли е реализацијата. Чудно но вистинито. Под негово водство Аргентина има убедливо најмногу шутеви во просек во Јужна Америка (66 удари со 22 во рамки на голот). Необично само 4 завршиле во мрежата.
А нападот е составен од Икарди, Ди Марија, Бенедето, Меси, Дибала и повремено Игуаин. Оваа есен Меси и Дибала промашуваа најчесто од чисти шанси, ситуации кои во клубовите ги решаваат на шега. Харизматичниот тренер изјави дека негова главна цел ќе биде до Светското да ги уигрува Меси и Дибала иако вториов ги преседе на клупа клучните дуели со Перу и Еквадор.
Во формацијата на Сампаоли тешко се наоѓа место за Серхио Агуеро и Гонзало Игуаин коишто според селекторот не се таков тип на играчи кои можат да играат пресинг и контра-пресинг. До Светското Агуеро ќе има време да го поправи и шутот од далечина во работата со Пеп Гвардиола. Шанса ќе бара и шпицот кој го гледавме во Скопје, играчот на Зенит Себастијан Дриуси.
САМПАОЛИ Е ТУРНИРСКИ ТРЕНЕР И ЗНАЕ КАКО СЕ ИГРА СВЕТСКО
Аргентинскиот селектор докажа дека може одлично да ја спреми репрезентацијата за големи турнири (Чиле на Светско 2014 и злато на Копа Америка 2015).
На почетокот во Чиле тој одлично се познавал со пола репрезентација - Џони Ерера, Еухенио Мена, Марсело Дијас, Чарлс Арангис, Хозе Рхас и Еудардо Варгас кои играле за тимот Универзидад де Чиле под раководство на Сампаоли.
За него неодамна Артуро Видал изјави: „Актуелната ситуација на Сампаоли е иста како кога беше наш селектор. Тој има малку време да работи со аргентинската репрезентација, но јас го сметам за еден од петте најдобри специјалисти на светот. Ако има малку повеќе време, ќе биде тешко да се победи Аргентина“.
На левата рака Сампаоли има тетоважа на која пишува: „Не слушам никого зошто забранетите работи ми даваат да го почувствувам животот“.
Тој и самиот вели: „Ако слушав што зборат луѓето, немаше да станам тренер. Немав многу шанси на почеток со оглед на тоа каква играчка кариера имав, но се најдов како тренер. Ако ги слушав другите ќе останев во Касилда (Санта Фе) и ќе работев во банка. Во тоа смисла бунтовник си ако го правиш тоа што го сакаш а не тоа што ти викаат да го правиш. Секогаш така гледав на животот“, заклучува Сампаоли за чиј фудбалски пат тука.