Кога ќе се спомене името на Дејан Савичевиќ многумина веднаш се сеќаваат на неверојатниот Црногорец којшто со магичниот лоб во финалето на ЛШ 1994-та го прати Зубизарета во пензија.
„Новинарот на Газета дело спорт Џенаро Боволента прв ме нарече Il Genio (Генијот). Веќе во мај 1994. година откако во финалето на Лигата на шампионите славевме 4:0 против Барселона, во Италија мојот прекар стана општоприфатен“, вели Савичевиќ во интервју за порталот Њузвик.
Токму голот против Барса во Атина бил гонгот со кој се означила големата фешта по повод јубилејот 100 години од основањето на Милан.
„Пред патот во Атина, во кампот Миланело не посети претседателот на клубот Берлускони. Одржи пригоден говор, ни посака среќен пат, добра игра... Кога тргна кон излезот изненадно се сврти и ми се обрати мене со свечен тон: ’Ајде ако си геније, покажи се утре против Барселона да видам’.
Тоа го слушнале сите присутни новинари, тренерот и играчите. Утредента Дејо навистина го одигра животниот натпревар. На сите кои сомневале во Савичевиќ, Берлускони им одговарал дека Црногорецот е правата 10-ка:
„Кога Савичевиќ игра, на стадионот светлата се палат сами од себе, а кога ќе излезе веднаш се гаснат“, го фалел Берлускони својот омилен пулен.
Но не било се така розово во кариерата на европскиот шампион од ’91-ва со Црвена Звезда. Кога дошол во Милан на почетокот долго време ја греел клупата и тоа само поради тренерот Капело.
„Се сеќавам дека со Капело првпат имав конфликт некаде во зимата 1992. година, пред мечот против Андерлехт во Лигата на шампионите. За време на еден тренинг слушнав како Капело ме ставил на списокот за Брисел но како резерва. Во ист момент го прекинав тренингот и отидов да го прашам што е работата.“, се сеќава човекот за кој Фергусон изјавил дека не видел таков дриблер.
„Во Милан дојдов како оформен играч, со освоен пехар во Лигата на шампионите, Интерконтиненталниот Куп, имав статус на стандарден репрезентативец на Југославија, не бев било кој. Му реков: ’Ако не ми дадеш да играм, не одам во Брисел!’:
Капело се зацрвенил и почнал да урла:
’Ти мора да одиш, ме разбра ли?! Мора да патуваш со нас! -Ако му дозволите да играм ќе дојдам, ако не останувам во Милано“, му одговорил Дејо и заминал во соблекувалната.
Не поминале 10 минути а веќе му ѕвонел Галиани, десната рака на Берлускони.
„Дејо, дај те молам немој да правиш проблеми и оди на пат. Не можам да го добијам претседателот Берлускони, некаде е на Сардинија, штом се слушнам со него, ќе му кажам да ти се јави, да го средите тоа. Ајде пакувај се“, му рекол Галиани.
Савичевиќ не сакал да слушне, му кажал дека е бесен и дека подоцна ќе му се јави. Штом завршил разговорот, „Генијот“ го исклучил телефонот, седнал во кола и заминал за Швајцарија. “Настана општ хаос“, се сеќава Савичевиќ.
Италијанските новинари дознали за конфликтот меѓу Савичевиќ и Капело па во Милано веќе почнале предлози за исклучување на 10-та од клубот. Савичевиќ не сакал да попушти за жива глава, можеби затоа што знаел дека шефот одлучува за се, а шефот секогаш бил на негова страна.
„После тој инцидент, за време на мечот со Монако во ЛШ, на Сан Сиро доживеав овации, сите ми скандираа. Но ни тоа не го опамети Капело. Во април 1994. на гостувањето во Удине, Милан играше одлично. За време на првиот дел бев најдобар на теренот, во второто полувреме во првите десет минути направив две стопостотни шанси, но Лентини промашуваше. Во еден момент го видов Ван Бастен како се загрева, ни на крај памет не ми падна дека Капело спрема измена. Кога судијата ја прекина играта, се свртев и видов дека го креваат бројот 10. Не можев да верувам“. продолжува Дејо да се сеќава на анегдотите со легендарниот Дон Фабио.
„Во еден момент цел стадион ми се сврти пред глава. Излегов од теренот, го фрлив дресот на клупата и му се пуштив на Капело: ’Што е сега, зошто ме менуваш пак? Мрш у пизду материну“ викнав и истрчав во соблекувалната.
После мечот Дејан направил уште една глупост, одбил да се врати со тимот за Милано а на крајот ситуацијата ја смирил Берлускони кој после долгиот разговор со Капело му се јавил на Савичевиќ и му ветил дека такво нешто веќе нема да се повтори. И не се повторило.