Теоријата дека големите играчи не стануваат големи тренери е поткрепена со обратните случаи на Арсен Венгер, Рафа Бенитез и Жозе Мурињо, но трофејниот Кларенс Сидорф сега ќе има задача да ја побие.
„Оваа теза која вели дека одличните играчи потоа не се снаоѓаат во тренерската дејност е глупава. Кој е најдобриот тренер во светот во моментов? Пеп Гвардиола, кој беше и фантастичен играч. Кој неодамна ја освои Премиер лигата со Манчестер Сити? Роберто Манчини, исто така одличен играч", вели Габриеле Маркоти од Тамјс.
„Вратете се на примерите со Холанѓаните. Јохан Кројф и Франк Рајкард ја освоија Лигата на шампиони и како играчи и како тренери. Сидорф има се за да го повтори тоа. Потребно е да зборувате со него само 10 минути за да разберете дека се издвојува од другите", смета новинарот.
Довербата на Маркоти е основана, но со неа во Милано не се сложуваат сите, поради фактот што нема никакво тренерско искуство, па дури и навивачите на Милан кои кога минатата година се спомена неговото име за следен тренер на Милан, тие подигнаа транспарент „Сидорф не благодарам".
„Тоа не се случи затоа што не го сакаат Сидорф, туку затоа што се противат на тренерската клупа на Милан да седне човек без искуство, а исто би постапиле и доколку Малдини биде тренер", објаснува Маркоти.
„Точно е дека нема тренерско искуство, но затоа многу добро знае од близу што се случува во клубот, а Силвио Берлускони најмногу сака кога тренерите имаат чувство за тоа што значи Милан. Оние кои доаѓаат од надвор не се запознаени со тоа. Освен Алегри, таков беше случајот и со Алберто Ѕакерони.", вели новинарот.
Десет години минати во Милан со над 400 настапи, две Скудета и два трофеи во Лигата на Шампиони е одлично за играч кој има зад себе 20 годишна кариера.
Дебитираше во Ајакс во 1992 година како најмлад играч на 16 години и 242 дена. Фантастичен податок во клуб каде младината е најважна. Потоа освои титула во Лигата на шампиони со овој тим во 1995 година.
Следната дестинација му Сампдорија, па Реал Мадрид, каде на 22 години стигна и до втората европска круна. Потоа се врати во Италија и потпиша за Интер, но по две години премина во најголемиот градски ривал каде ги имаше најблескавите моменти во кариерата и каде стана единствениот играч кој ја освоил Лигата на шампиони со три различни екипи.
„Сидорф е играчот од кој најмногу стравувам, тој е можеби најдобриот против кој сум играл", изјави Вејн Руни во 2010 година.
Тоа што го виде Руни за него, не ги допре луѓето од ФИФА кои никогаш не го сместија во друштво на најдобрите во церемониите под рефлектори, но тој затоа е респектиран играч. Кога Роналдињо во 2008 година го засили Милан неговиот дрес познат под број 10 во глобални рамки не беше доволно за да го добие. Според хиерархијата на Милан тој му припадна на Сидорф, а бразилската ѕвезда го носеше бројот 80.
„Сидорф беше сметан за тренер и додека беше играч. Постојат сомневања за неговиот недостаток на искуство, но ако некој може да се справи со тоа, тогаш дефинитивно тоа е тој“, смета холандскиот новинар Весли Мејер.
Неговиот однос со Марио Балотели може да биде критичен, затоа што Сидорф во минатото има изјавено некои работи за него, посебно околу проблемите за расизмот во фудбалот. Тој ќе треба дипломатски да се однесува со разгалената ѕвезда.
Да се надеваме дека наскоро теоријата дека одличните играчи не стануваат големи тренери ќе биде негирана со два збора: Кларенс Сидорф.