Додека претседателот на Наполи, Де Лаурентис се радува за утрешната прва прес конференција на новиот тренер Рафа Бенитез и ја најавува на повеќе јазици на Твитер, истовреме ќе треба да реши што понатаму со најдобриот играч од „Сан Паоло“.
Човекот кој е машина за голови и кој стана голем миленик на навивачите на Наполи, полека почнува да ја губи популарноста во градот. За три сезони тој постигна 104 гола, а сезоната ја заврши како најдобар стрелец во Серија А, но тоа повеќе не ги интересира Наполитанците.
Откако Де Лаурентис ја одреди цената за Кавани кој може да си замине за сума од 60 до 65 милиони евра, веќе почнаа да се појавуваат шпекулации за неговата следна дестинација, но по се изгледа навивачите кои нивниот идол го споредуваа со Марадона, најмногу збеснаа кога тој деновиве јавно призна дека го посакува Реал Мадрид.