Де Лаурентис е пресреќен поради Бенитез

Во Интер мина скромно и брзо си замина, навивачите на Челси постојано преку транспаренти му порачуваа да си оди, а на кам бекот во Италија најмногу му се радува претседателот на Наполи.

На првиот човек на Наполи, Аурелио Де Лаурентис изгледа дека му беше животен сон да го доведе Рафа Бенитез на кормилото на неговиот клуб. Откако 4 годишниот циклус со Мацари заврши, тој сакаше да доведе стратег со интернационално искуство.

Желбата си ја оствари и уште пред да потпише договор и официјално да го претстави Рафа Бенитез за нов тренер, средбата со шпанскиот стратег ја овековечи со фотографија на Твитер со која се пофали дека работата е завршена.

Сега следува првата прес конференција на Бенитез која ќе се одржи во петок, а Де Лаурентис ја најави на Твитер на дури 8 различни јазици: италијански, француски, англиски, шпански, германски, руски, кинески и арапски.

„Прес конференција ќе се одржи утре во 17 часот и ќе се пренесува во живо на 5 континенти. Рафа Бенитез ќе го претставам во многу светски медиуми каде ќе зборувам за нашиот нов проект", изјави Де Лаурентис.



20 јуни 2013 - 10:01