Пребогатите Катарци со своите нафтени пари го купија ПСЖ, станаа спонзори на Барселона, си „купија" неколку светски фудбалски ѕвезди, си го купија Светското првенство во 2022...
Им недостига само уште силна фудбалска лига. Но и тоа не е проблем. Ако не можат да направат своја силна фудбалска лига, тие можат да си платат и да си ги добијат најдобрите 24 фудбалски клубови кои на нивно тло ќе одиграат скратено првенство.
Лигата ќе биде спонзорирана од кралската фамилија на Катар и ќе се одигрува секое второ лето, а ќе започне од 2015-та година. Според нивниот план, постојани учесници ќе бидат 16 најдобри фудбалски клубови од целиот свет, а за секое следно натпреварување ќе бидат поканети уште 8 други клубови.
Кралската фамилија воопшто нема да се штеди при исполнувањето на нивната желба. Гигантите како Барселона и Манчестер Јунајтед ќе добијат под 200 милиони евра за нивното учество. Колку за споредба, Челси од УЕФА доби 54 милиони евра за освојувањето на Лигата на шампиони.
Првенствата би се одигрувале во летен период кога температурите се над 40 степени, но и тоа нема да биде проблем. Катарците ќе изградат климатизирани стадиони. Тие веќе направија прототип климатизирано стадионче со 500 седишта за да му покажат на светот дека за нив и тоа е лесно изводливо.