„Не го фатив Роже Мила, но еден ден наидов на видео на кој тој танцува кај корнер знаменцето. Ме воодушеви. Не знаев ништо за него, но многу го засакав неговиот танц“, раскажува еден од младите откритија на француската хип-хоп сцена MHD.
Младиот рапер за шест месеци поминал пат од доставувач на пица до суперѕвезда на афротреп - стил на музика којшто го смислил сам откако ги измешал африканските танцувачки композиции и трепот. Во Франција е многу популарен. Тој му посветил една песна на Роже Мила којшто бил заслужен за неговиот успех:
MHD е популарен во Франција, Африка и некои земји од Западна Европа, а публиката на неговите настапи полудува кога го скандира рефренот: ’Роже Мила!’, славната камерунска легенда.
Танцот на Мила стана познат во целиот свет за време на Мундијалот 1990’ во Италија којшто беше историски за репрезентацијата на Камерун и на целиот африкански фудбал. Првпат во историјата репрезентација од Црниот континент стигна до едно четвртфинале на Светско и тоа под водство на Русинот Валериј Непомнњашчи кој малку зборувал англиски а воопшто не зборувал француски.
Тогаш „Непобедливите лавови“ го почнаа турнирот со неочекувана победа над Аргентина со Диего Марадона на „Сан Сиро“. Пласманот во следната рунда го решија во следното коло против Романија, меч кој го реши измената во второто полувреме кога Непомнњашчи го замени Мабоанг со Роже Мила.
На Роже му требаа околу 20 минути да даде два гола и да го реши победникот. „Најинтересно е што тој беше творец на нашиот успех иако не играше многу време“, се сеќава голманот на таа репрезентација на Камерун, Жозеф-Антуан Беле.
Пред почетокот на Мундијалот многу се зачудиле на одлуката на Непомњашчи да го повика 38-годишниот Мила во репрезентацијата.
„Знам дека не сакаше да седи на клкупата за резерви и сакаше да игра во првиот состав. Роже беше борец и за него таквата одлука беше тешка, но тој собра сили правилно да го прифати и да биде во служба на екипата дури и во таков статус“, вели неговиот соиграч од тогашниот Камерун Андре Кан-Бијик.
По пласманот понатаму, Камерун во продолженијата ја совлада Колумбија а во четвртфиналето загуби од Англија исто така во продолженијата. Точка на африканската бајка стави Гери Линекер од пенал. Но и ова беше огромен успех за „Нескротливите лавови“ за коишто навиваше цела Африка.
Роже Мила беше пред крајот на кариерата.
Но ретко кој го знае Роже Мила кога не бил ѕвезда на репрезентацијата, туку обично дете кое растело во богатиот дел од земјата, Дуале и било надежен фудбалер благодарение на својата техника и чувството за гол.
Роже во родниот крај ги направил првите чекори во најсилната лига на камерунскиот фудбал. Освоил две шампионски титули и дури стигнал до полуфиналето на африканската Лига на шампиони. Интересно е што како мал го научил танцот наречен Макоса по регионот од каде потекнува играта.
Макоса бил не само танц, туку и стил на музика од камерунски народни мотиви кој станал познат во ’70-те години. Иако изгледа едноставно кога го играше Мила, овој танц не е баш прост за изведба.
„Самиот танц ми дојде во глава кога дадов гол против Романија. Тоа беше инстинкт. Не го смислував претходно затоа што не знаев дали ќе влезам во игра и уште помалку дали ќе дадам гол“, се сеќава Мила.
Во документарецот на БиБиСи за овој танц се вели дека тој станал најпопуларен на Мундијалот и еден од моментите по кој се памети Светското во Италија 1990. Но да се вратиме во Камерун на почетокот на ’70-те: Роже во дресот на Тонер од Јаунда три години ги тероризирал локалните клубови и ја освоил континенталната Лига на шампиони. Во 1976. година ја освоил „Златната топка“ и потоа се преселил во Франција.
Него прв го забележил Валенсиен којшто му понудил професионален договор на Мила но под услов да стане официјален член на фан-клубот на францускиот тим. Камерунецот прифатил но не добивал многу време за игра.
Во 1980-та се преселил во Бастија каде му ветиле многу повеќе простор. Роже во исто време го обвинил раководството на Валенсиен дека не му верувале поради малата висина од 176 сантиметри. Корзиканскиот клуб од друга страна паѓал се пониско и пониско а Роже Мила два пати станал најдобар стрелец на клубот и најзаслужен за освоениот Куп на Франција во 1981. година.
Островскиот клуб му помогнал да заигра за репрезентацијата на Камерун која што во 1984-та го освои Купот на Африка. Роже продолжил во Сент Етјен кој штотуку испаднал во втората лига. Но тоа не му сметало на Камерунецот кој две сезони по ред бил најдобар „бомбардер“. Во дебитантската сезона дал 26 гола и бил најзаслужен за експресното враќање на Сент Етјен во елитата во ’80-те години.
Ѕвездени моменти Роже имал и за Камерун на Купот на Африка во 1986-та кога неговата селекција загубила во финалето од Египет а Роже бил најдобар стрелец. Таа сезона ја одиграл толку добро што сопственикот на Монпеље Луј Николен бил спремен да плати огромни пари за него, гест којшто не бил својствен за контроверзниот „Лулу“.
„А Роже Мила! Не можам да кажам дека ми беше син затоа што беше црномурен играч, но беше многу убав дечко“, со доза на меланхолија се сеќава на тоа време претседателот на Монпеље Николен. „Роже и на 40 години играше добро, тој беше феномен“.
Од Луи ретко се слушале такви пофалби но тој многу го сакал најдобриот играч на КАН 1986.
Еднакво интересно е и како 34-годишниот Мила и 21-годишниот Лоран Блан нашле заеднички јазик и го формирале еден од најопасните напаѓачки тандеми во француското првенство. Блан дури подоцна го преместиле пред одбраната, во средниот ред но повозрасните го паметат како шпиц. И двајцата дале по 10 гола и тоа бил показател дека добро се разбирале меѓу себе.
Роже се шегувал со младиот Лоран: „Можеби сум постар од тебе, но ќе станам најдобар стрелец во историјата на клубот“. Тоа не се случило а Блан немал доволно време да стане најдобар стрелец во историјата на Монпеље. Роже Мила на 35 години бил како Златан Ибрахимовиќ додека играше во ПСЖ.
По Монпеље неговата кариера почнала да опаѓа: Реунион, Камерун, Индонезија. Играл до 44 години со што не може да се пофали ниту еден друг играч. Во 1988 година кога го освоил Купот на Африка со Камерун Роже решил да ја заврши кариерата во дресот на репрезентацијата после Мундијалот 1990-та.
На неговиот проштален меч во Јаунда се собрале 110.000 гледачи! Да се врати во репрезентацијата ургирал дури и претседателот на Камерун којшто го мотивирал. Тој повик не само што влијаел на успехот на Камерун во Италија туку и на титулата најстариот играч кој дал гол на едно Светско првенство, титула која ден денес му припаѓа. По изданието France Football Роже Мила е најдобриот играч на Африка на ХХ век.
„Роже беше наша ѕвезда, наш постар брат, човек којшто го слушавме. Тој беше камерунскиот Марадона, наш адут. Ден денес сме му благодарни за се што ни даде“, вели Андре Кана-Бијик.
Роже Мила ќе остане запаметен по славниот танц, по головите и по тоа што на Африка и овозможи да ужива во еден успех на селекција од овој континент. Камерун денес нема многу играчи како него.