Како Вардар се остри за првите бодови во Лига Европа

Во опуштена и победничка атмосфера по дербито со Шкендија, фудбалерите на Вардар одржаа тренинг на два дена пред 3. коло во ЛЕ, каде ги очекува тешка пресметка против Реал Сосиедад. Капитенот на Црвено - црните не знае за пораз од шпански тим.

Дека во Црвено-црното семејство владее убава и позитивна атмосфера, доказ е и хумористичниот начин на кој стартуваше денешниот тренинг во Хиподром. Последен на терен се појави Максим Максимов, а Александар Васовски му довикна: Максим, остана ли уште некој во соблекувална?

Помошникот на Чеде не доби одговор, бидејќи тоа е најновото засилување на Вардар кое неодамна дојде од Русија и сè уште нема право на настап во ЛЕ, а за да го научи македонскиот јазик се разбира дека му се потребни часови.

Реал Сосиедад влегува во 3. коло од Лига Европа со победа против Розенборг и пораз од Зенит, а за Вардарци ова ќе биде трета среќа да дојдат до некој бод во групата Л, каде лидери се Русите со два од два.

Пред стартот на денешниот тренинг, свое видување за средбата дадоа Бобан Николов, Никола Глигоров и капитенот Грнчаров.

„Првиот меч изгоревме во желбата за победа, веќе на следниот дуел во Трондхајм со Розенборг се прикажавме во подобро издание, па сега е ред на трета среќа. Реал Сосиедад е ефикасна екипа, игра убав фудбал, но знае и да прима голови сезонава. Треба да ги користиме шансите и да ги најдеме нивните слаби точки во одбраната и да се обидеме да ги совладаме“, рече повратникот Николов кој беше повреден.

„Многу е тешко против екипа од рангот на Сосиедад да се воспостави сопствена игра, да успееме ние да го диктираме темпото, меѓутоа ќе се трудиме што е можно повеќе да ја имаме и ние топката во свој посед. Невозможно е да се браните 90 минути против таква екипа и да не ви направат шанси. Со тимска игра се надевам дека ќе успееме да дојдеме до тоа што го посакуваме – позитивен резултат“, вели Глигоров.

За Бобан Грнчаров, Реал Сосиедад е четвртата шпанска екипа со која ќе се соочи во Европа. Како играч на АПОЕЛ во сезоната 2009/2010 од ЛШ, на два пати одигра реми против Атлетико Мадрид и тоа во сезоната кога Мадриѓаните со напаѓачкото дуо Агуеро - Форлан ја освоија Лигата на Еврпа.

„Играме против една шпанска екипа, која игра доста квалитетно со голема техника, со многу кратки додавања. Почнавме да се подготвуваме за тој меч, правиме анализа и се надевам дека ќе одиграме квалитетно, добро и да постигнеме први гол. Ако дадеме први гол, мислам дека Вардар може да победи и да ги освои првите бодови. Инаку јас имам позитивен скор против Шпанците. Имам играно против Атлетико, Гетафе и Рајо Ваљекано и немам ниту еден пораз“, изјави капитенот.

Мечот меѓу Вардар - Реал Сосиедад се игра во четврток со почеток од 19 часот.

17 октомври 2017 - 14:56