Денис еднаш сакал да ги испружи доволно нозете, но во тесниот авион немало место. За неколку часа му почнувал меч против Наполи, а Бергкамп не можел да мисли на ништо друго, освен на проклетиот лет.
Пробувал да се смири ама не можел. Авионот бил толку стар што се тресел во воздух дури и по убаво време. Холанѓанецот се гризнал за подлактицата и погледнал во прозорот а таму видел густа магла - стариот авион не можел да се издигне над облаците. Денис затворил очи и пробал да не мисли на ништо. Посебно не на тоа дека утре се враќа назад со истиот авион.
***
Панични напади на Денис Бергкамп почнале да му се јавуваат во 1989 година после една трагедија: неговиот најдобар другар од академијата на Ајакс Амстердам, Вирџал Јоеманкан загинал во авионска несреќа. Во Ајакс Бергкамп ретко имал немир затоа што холандскиот клуб многу ретко летал во време на сезоната на холандското првенство.
Но со преминот во Интер во 1994 година сè се изменило. Морал да лета речиси на секое гостување со гореспометниот крш од пропелер. И тоа многу го паничело. Првата сезона во Интер Бергкамп ја преживеал благодарение на таблети за смирување.
Ситуацијата се влошила на Светското првенство 1994 во САД. Репрезентацијата на Холандија требала да лета на вториот меч од групна фаза од Орландо во Далас.
Денис Бергкамп како и обично се напил апчиња за смирување и сè течело горе-долу нормално додека еден холандски новинар не и кажал на стјуардесата дека во него има бомба.
Во авионот настанала општа паника и хаос па морале да слетаат принудно за да го исфрлат новинарот кого полицијата го уапсила и депортирала а новинската куќа го избркала од работа. Но тоа ништо не му значело на Денис кој преживеал пеколен стрес!
Необично, паничните епизоди не му сметаа на Бергкамп да одигра врвен Мундијал (три гола на пет меча и пласман во четвртфинале каде испаднаа од моќниот Бразил).
Но после Светското неговата состојба станала многу посериозна и тој бил истоштен: „Дојдов во хотел но таму ми беше уште полошо. Цел се тресев и бев многу нервозен пред летот за дома. Со мене нешто не беше во ред, бев на раб на паника. Нозете ми беа тешки како олово, ми тежеа рацете, главата, целото тело. Некако успеав да се довлечкам до авионот“, се сеќава еден од најдобрите фудбалери во историјата на Ајакс и Арсенал.
Некако го преживеал целиот макотрпен лет до Холандија а кога се вратил дома паниката се смирила, но физичката состојба му била на нула. Од замор Бергкамп спиел два дена по ред.
Докторот на репрезентацијата му препорачал целосен одмор па Денис со жена му резервирале апартман на југот од Франција. Но и таму на рајскиот брег фудбалерот немал мир.
„Дури и кога стигнавме, уште не бев на свое. Одморот требаше да служи да се проветреам и да наполнам батерии. Но ништо не ме правеше среќен - ни морето ни плажите. Дури и во собата ми беше непријатно“, памети Бергкамп низ што поминувал поради напади на паника.
Денис тогаш се јавил во Интер и побарал дозвола да задоцни на собирот за подготовки но тренерот Отавио Бјанки не сакал да слушне па Бергкамп по напорната сезона имал само 10 дена одмор и се вратил во Италија целиот потиштен.
Во новата сезона во миланскиот клуб кошмарот на Бергкамп продолжил: во малиот клупски авион имало по 2-3 лета месечно. Токму таа сезона фобијата од летање и затворен простор на Бергкамп достигнала кулминација.
Стравот од летање го оставал без сон неколку ноќи пред поаѓање. Пред секој лет тој постојано го гледал небото и мислел за враќање дома што поскоро. А поради малото авионче на Интер страхот преминал во клаустрофобија: „Тоа беше пекол!“, напиша Денис во автобиографијата 20 години подоцна.
Поради такви мисли и стравови тој не можел да се посвети на играта и во втората полусезона во Интер дал само пет гола.
Последната капка што ја прелеала чашата бил летот до Фиренца на крајот од сезоната 1994/95. Тогаш паничен напад го фатил уште кога излегол на пистата. Кога го видел авиончето го фатил страшен ужас и одбил да се качи. До Фиренца и назад го возела жена му со кола.
А Бергкамп дента сфатил дека ја изгубил битката и донел решение: веќе никогаш во живот да не се вози со авион.
Набрзо дошол и крај на соработката со Интер. Холандскиот напаѓа „не му простил“ две кошмарни години на клубот, а Италијанците биле разочарани од слабата ефикасност и одбивањето да лета пред секој меч. За Холанѓанецот тогаш се заинтересирал Арсенал кој решил да вложи рекордни за себе 13 милиони евра. Денис притоа многу сакал да замине од Интер па се договорил уште на првиот состанок со луѓето од лондонскиот клуб.
А Масимо Морати кога го продал играчот во Арсенал им рекол: „Да пеете ако даде 10 гола во сезона“.
Сосема необично, но одбивањето на Бергкамп да лета му донел предност: „Чудесно одново почуствував необична слобода. Како да се родив повторно. Можев да играм фудбал без ограничувања и да се посветам на кариерата во Арсенал“.
****
Во новиот клуб знаеле за големата фобија на играчот и нашле компромис: на блиските патувања Денис да доаѓа со клупскиот автобус или со автомобил, а на далечните патувања во еврокуповите да не гостува воопшто.
Така Денис ги пропуштил мечот со Локомотив Москва во 2003 година, со Динамо Киев во 1998 и со Реал Мадрид во 2006-та. Ова му влијаело и на платата - еднаш кажал дека изгубил десетици заработки поради отсуството од далечни патувања.
„Дали во екипата се смеевте поради неговата фобија од летање со авион?“ - ’Го завикаа Нелетечкиот Холанѓанец. Кога некој ќе прашаше каде е Денис, му одговараа: ’Играше пред недела дена“, се сеќава Александар Хлеб во интервјуто за рускиот „Спорт-Экспрес“.
Со маката на Бергкамп најголем мајтап терал Реј Парлу. „Ставете му едно апче за спиење и фрлете го во авион“, рекол Реј еднаш пред патување. Се случувало и да му се јави на телефон по мечот: „Како си Бергкамп“? - „Еве сум кај Донкастер“. „А добро, јас влегувам дома па да видам што правиш“.
Откако го победил главниот извор на стрес, детето на Ајакс расцвета и стана главен играч на Арсенал - постигна дури 16 гола во првата сезона.
Смената во однесувањето на Бергкамп ја забележила и сопругата: „Фобијата не исчезна, но сега таа не прави проблеми и ние може да живееме со тоа. Кога тој реши повеќе да не лета доживеа внатрешно смирение. И тој спокој е многу поскап од тие неколку часа кога леташ со авион“.
Во прво време отсуството на Бергкамп од европскитее гостувања клубот ги правдал со повреда, но скоро и таа неопходност исчезнала. Во 1996 година во интервју за The Independent холандскиот репрезентативец првпат јавно признал за својата фобија и панични напади: „Немам летано веќе две години. Не можам ништо да направам за тоа. Психолошки проблем е и мислам да побарам помош“.
Но Дниес не отишол на психијатар затоа што не морал да оди на далечни гостувања и бил мирен.
Најпозната случка со неговата фобија е онаа од 1999 година кога Арсенал играше со Фиорентина во Лига на шампиони па Бергкамп поминал со кола повеќе од 1760 километри за што изгубил цели два дена.
Долгите патувања со кола не му сметале: „Арсен Венгер мислеше дека напорните патувања ќе ме изморуваат, но не беше така. Повеќе сакам да патувам со кола затоа што во тој случај самиот сум кројач на своето време. На крајот така ми е поудбно. Во кола имам планинска опрема и сите услови за нормален пат“.
Во тоа е лесно да се поверува затоа што Бергкамп возел голем Range Rover Sport којшто важи за еден од најудобните џипови некогаш направен.
Но долгите патувања не би биле така едноставно ако не бил Вик Ејкерс. Англичанецот кој работел во Арсенал од 1986-та година а во 1987-ма ја основал и женската секција на Арсенал, во штабот на Венгер бил помошен тренер.
Ејкерс и Бергкамп се здружиле и Англичанецот понекогаш му правел друштво во кола. За време на патувањата бескрајно долго зборувале за животот и за фудбалот. Еднаш во интервју за клупскиот сајт Бергкамп признал дека најмногу го сакал Ејкерс затоа што само тој во екипата не се шегувал со неговата фобија.
Арсен Венгер ја ценел самопожртвуваноста на Бергкамп и никогаш не бил лут на неговите далечни патувања со кола. Во март 2001 година кога Арсенал требал да игра против Лион во втората групна фаза од Лига на шампиони, Холанѓанецот после ждрепката изјавил дека ќе вози два дена за да игра во Франција.
Но тогаш Венгер првпат покажал знаци на нервоза: „Криво ми е и лут сум шт Денис губи толку многу време и енергија на пат. Тој ми треба свеж во еипата.
Бергкамп не го прифатил овој коментар добро и одговорил: „Се работи за најважниот турнир со најдобрата екипа во Европа, зошто зборува за мене и за авионите“?
Уште потешко било со навивачите. Тие го обожавале Бергкамп, но понекогаш неговите отсуства од важните натпревари ги нервирало. Во есента 1997 година Арсенал во првото коло од Купот на УЕФА се сретнал со ПАОК. Англичаните изгубиле на првиот меч во Грција и испаднале од Куп на УЕФА а навивачите го обвиниле Бергкамп за тоа затоа што тој одбил да лета и да вози до Солун (2.725 километри од Лондон).
Со тек на време Денис се навикнал на таквата положба во јавноста и не сакал да мисли за лекарска помош. Бил искрен пред себе, што е најважно во вакви случаеви: после страшната паника во 1995 година, ниту еднаш веќе не се качил во авион.
Тоа што не играше на гостинските средби во еврокуповите не му сметаше да стане главна ѕвезда на Арсенал и да остане во клубот цели 11 сезони!
Интересно е што единствени исклучоци Денис бил спремен да направи за репрезентацијата на својата земја. На 7 јуни 1995 Холандија во Минск играла квалификациски меч за Евро 1996. Бергкамп планирал да лета со Холандија и дури дошол во базата во Нордвејк. Цела ноќ пред патот се потел и не заспал а утрото си признал себеси дека не може да лета никако.
Во разговор со лекарот на репрезентацијата Фриц Кесел и селекторот Гус Хидинк тој ја објаснил целата ситуација, сите напади на паника и потврдил: „Веќе никогаш и никаде нема да летам“.
И поради тоа решил да ја заврши кариерата во репрезентација по Европското 2000. Светското 2002 во Јапонија и Јужна Кореја го гледал пред телевизија затоа што со кола да стигне до таму не е можно а по негова „среќа“ Холандија воопшто не се ни пласираше на тој Мундијал.
По крајот на кариерата Бергкамп мошне често го прашувале дали жали што поради стравот од летање ги пропуштал натпреварите, а тој одговарал: „Напротив. Откажувањето од летање со авион беше најдобро решение. Кога престанав да летам се почуствував слободен и свој. Имав избор: или да терам долга терапија или едноставно да престанам да летам. Го избрав второто и сите ја прифатија таа одлука“, завршува Денис Бергкамп кој имаше многу богата кариера и на клупски и на репрезентативен план.