Како Пабло Ескобар местел натпревари во Колумбија

Во време кога на улиците на Меделин да носиш пиштол со себе по улица било како да носиш најнормален предмет, фудбалот важел за игра подеднакво интересна за обичниот народ но и за босовите на нарко-картелите, меѓу кои и главниот кој имал свој клуб.

Ако сè уште не сте ја изгледале Narcos, наш совет е следниот викенд да се заклучите во соба, да купите чипсови и да почнете со ова ремек-дело. Ако сте еден од оние кои искрено жалеа кога почина култниот Тони Сопрано, тоа значи дека оваа серија со реална историја и вистински приказни ќе ви се допадне многу.

Сигурно сте налетале на оваа фотографија, а малкумина знаат дека ова купиште со пари било во сопственост на Пабло Ескобар - главниот херој на серијалот Narcos и омилен човек во сиромашните квартови на Меделин.

Да, Ескобар бил монструм и комплетен идиот, но го сакал фудбалот - поради што сценаристите го потенцирале и овој аспект за гледачите да не заборават дека Пабло бил и човек од народот.

Освен што Пабло законски градел свој затвор, се разбира со многу проститутки (не фигуративно, туку фактичка состојба), апарати за покер, рулет, музика во живо и дрога, тој изградил и голем фудбалски терен на кој играл фудбал со своите пајташи.

Затворот го нарекле „Ла Катедрал“. Кога на Ескобар му здосадило, го напушта „Ла Катедрал“ и решава да купи неколку меделински клубови од кои лично нему му припаѓал Атлетико Национал.

Новата историја на овој клуб почнала во 1986. година кога Ескобар го водел клубот во буквална смисла. Дотогашниот претседател на Национал, Ернан Ботеро Морено направил неколку финансиски измами и го местел дербито «Clásico de la Montaña» со Индепендиенте во 1985. година, поради што го уапсиле и го испорачале во САД. Морено станал првиот Колумбиец кој бил екстрадиран во САД после потпишувањето на договорот меѓу двете држави.

Следниот газда на Национал, Октавио Педрахита исто бил обвинет за финансиски малверзации и е убиен една година подоцна. Тогаш на сцена доаѓа Пабло Ескобар.

ЗОШТО ЕСКОБАР ВОДЕЛ ФУДБАЛСКИ КЛУБ?

Пабло дал огромни суми пари за изградба на нови стадиони и останата спортска инфраструктура, иако таквите идеи зад себе криеле сосема друг мотив - преку фудбалот перел пари. Системот фунционирал вака: Картелот ја пумпал сумата од продадени билети и учествувал во трансфер политиката а Пабло надгледувал уште една активност - кладилниците и спортското кладење.

Во Колумбија има анегдота според која додека Ескобар бегал од „Ла Катедрал“ со себе понел радиоприемник за да слуша преноси од натпреварите на репрезентацијата на Колумбија и на Атлетико Национал.

Иако неговиот син Себастијан Мароквин неодамна изјави дека авторите на оваа серија направиле неколку грешки од кои една се однесува на фудбалот: „Татко ми никогаш не беше навивач на Национал иако го финансираше. Негов омилен тим отсекогаш беше Индепендиенте Меделин.“ Уште поголема нејаснотија на овој податок оставил и погребот на Ескобар чијшто ковчег бил прекриен со знаме на Национал.

Меѓутоа,

Успехот на „Зелените од Меделин“ бил поврзан токму со пезосите од кокаин. Капитен на екипата бил Андрес Ескобар - одличен стопер кој беше убиен по автоголот на мечот Колумбија - САД на СП 1994. година во Америка. Во тимот бил и вечниот Рене Игита - долгокосиот голман кој го изведуваше фамозниот удар „шкорпион“ и кој постигнал повеќе од 40 гола во кариерата.

Во „Национал“ кариерата ја започнал и славниот Фаустино Асприља - тогаш дрзок и талентиран напаѓач кој во ’90-те години растураше ширум Европа. Зелениот дрес го носеле и Лионел Алварез, напаѓачот Виктор Арситазабал како и Хуан Пабло Анхел перспективниот напаѓач кој даваше евроголови за Ривер Плејт и Астон Вила.

Репрезентацијата на Колумбија со овие играчи имаше одлични резултати на меѓународна сцена и победуваше поголеми селекции како Бразил и Аргентина. Тогаш за El Verde (Зелените) навивал цел Меделин. Многу од играчите биле почесни гости во разните вили на Ескобар, па дури и во затворот „Ла Катедрал“ каде се забавувале со девојките, пиеле квалитетни пијалаци и играле фудбал со членовите на Нарко картелот.

Снимки од овие настани има во документарниот филм „Two Escobars“ од ESPN. Рене Игита бил редовно еден од гостите на Ескобар, но тоа не го спречило во 1989. година да одбрани четири пенали во финалето на престижната Копа Либертадорес.

СОМНИТЕЛНИ ПОБЕДИ ВО КОИ НАРОДОТ ТЕШКО ВЕРУВАЛ

Во полуфиналето на Либертадорес, Национал налетал на уругвајскиот Данубио. Гостите стигнале во Колумбија со стотици телохранители. Судија на мечот бил Аргентинецот Хуан Бава кој подоцна во интервју открил:

„Заедно со помошниците Абел и Еспозито вечеравме во хотелот и отидовме на спиење. Водата од чешма не се пиеше, па нарачав едно шише минерална. Девојката која што го носеше шишето ја пресретнаа и претепаа во ходникот неколку вооружени луѓе. Во еден момент четворица од нив влегоа кај нас, ставија 200.000 долари и рекоа ова е подарок ако Национал победи утре. Му ставија пиштол на глава на Њеко (помошникот Абел), но одбивме и рековме дека ќе си ја работиме својата работа, а тие одговорија: ’Добро, но знаете дека е подобро да победи Национал’. Вашиот живот ништо не вреди. Потоа ја искршија цела соба и останавме без телефон’. Престанав да пушам шест месеци, но таа ноќ одново палев цигари“, раскажал судијата на тој меч Хуан Бава.

Колумбијците славеле 6:0.

Судијата Бава со Марадона

Подоцна се испоставило дека еден од четворицата бандити кои понудиле пари и под присила со оружје сакале да го купат мечот бил и Дандени Муњос Москера познат по прекарот „Ла Кика“. Тој бил еден од најозлоголасените членови на картелот (така е прикажан и во сериојата). Убил околу 250 луѓе, киднапирал високи официјални лица, бил вмешан во убиството на лидерот на опозцијата Луис Карлос Галан и во организацијата на авионската катастрофа на летот AV203.

Во таа 1989. година Национал го освоил Јужно-американскиот куп и истата година играл дуел против Милан во финалето на Интерконтиненталниот Куп, а во 1991. година станал шампион на Колумбија. Таквиот успех не можел а да не го задоволи Пабло Ескобар, затоа што проектот не бил наменет само за перење нелегални пари, туку и да се покаже семоќноста.

Атлетико Национал го надминал по бројот на трофеи клубот Милионариос кој му припаѓал на партнерот на Пабло - Гонзало Родригез Гачо (во серијата ’Мексиканецот’). Клубот Америка бил во сопственост на главниот ривал на Ескобар - Хилберто Родригез Орехуеља.

Во 1983. година колумбискиот министер за правда Родриго Лара изјавил дека скоро сите клубови во земјата меѓу кои и најголемите - Атлетико Национал, Миљионариос, Санта Фе, Индепендиенте Меделин и Америка биле поврзани со пазарот на кокаин.

Во еден момент фудбалот станал арена за борба меѓу нарко картелите, но само до 1989. година: Таа сезона Ескобар бил обвинет за убиството на судијата Алваро Ортега кој признал спорен гол на мечот против конкурентот на Национал.

Поради убиството на судијата првенството било прекинато и наместо тоа се играл Купот на Колумбија кој го освоил Санта Фе. Тоа убиство во 2012. година го признал Хуан Веласкес, десната рака на Ескобар, кој го извршил убиството по наредба токму на Пабло.

ШТО БИДНАЛО ПО СМРТТА НА ЕСКОБАР?

Ескобар со сопругата и син му на фудбалски натпревар

Во летото 1992. година по бегството од „Ла Катедрал“, на босот не му било до фудбал - за неговата глава се нуделе 100 милиони долари. Национал почнал да тоне, а екипата ја напуштиле: Рене ’Лудиот’ Игита кој заминал во шпанска Примера заедно со Франциско Матурана и Леонел Алварез. Во следната сезоната Национал ја освоил титулата после смртта на наркобаронот. 

Некои играчи во клубот таа епоха ги направила подеднакво славни како самиот Ескобар. Фудбалерот од западен Меделин, Андрес Ескобар постепено станувал миленик на народот - неговата кариера одела нагоре како акциите на Microsoft со светлосна брзина.

Во 1988. година Андрес дал гол на „Вембли“ со кој Колумбија ја победила Англија. Во 1989. година постигнал гол од пенал во финалето на Копа Либертадорес и на Национал му го донел најважниот пехар во клупската историја. Репрезентацијата каде станал капитен брзо еволуирала и била меѓу фаворитите за освојување на Мундијалот 1994. година.

Златната генерација на Колумбија станала важен фактор во која надеж влевале не само нормалните Колумбијци, туку и нарко дилерите. Фудбалот станал извор на профит. Пред Светското 1994, Колумбија загубила само еден од 26 меча! Во квалификациите ја згромиле Аргентина на гости со 5:0.

Пеле на „Жолтите“ им предвидувал влез во полуфиналето, а самите фудбалери постојано биле загрозени. Закани примал дури и селекторот Матурана - шефовите на најјаките локални клубови настојувале да им обезбедат место на своите играчи на Мундијалот по секоја цена, за да подоцна можат да ги продадат поскапо.

За пола година до Светското во САД стигнале две вести - една добра и една лоша. Прво - Ескобар го завршил својот живот на кровот од својот дом, а втора дека Рене Игита нема да оди на првенството затоа што завршил во затвор.

Игита и натаму отворено признавал дека бил пријател со Пабло. Таквото признание го чинело пат на Мундијалот - бил обвинет за вмешаност во киднапирање и посредување меѓу шефовите на два нарко картели. За ова Рене Игита лежел седум месеци во затвор.

Но најлошото допрва следувало. Репрезентацијата од која целиот свет очекуваше многу изгуби на првиот меч од Романија на Хаџи со 3:1. После едена недела Колумбија играше решавачки меч против домаќинот САД. Американецот Џон Харкс прими една топка од левата страна, тргна напред и центрираше во шеснаесетникот... А таму капитенот Андрес Ескобар си даде автогол - рикошет на топката во својот гол. Колумбија загуби 1:2 и не ја мина групата иако беше главен фаворит.

Автоголот ги избриша сите шанси за пласман понатаму, а тоа ги збеснало наркобосовите кои вложувале многу пари во кладилниците за триумф на Колумбија. Десет дена по автоголот, Андрес со сопругата и пријателите отишол во ноќниот клуб El Indio. Подоцна вечерта таму наминале и едни од најозлогласените криминалци во Меделин - браќата Гаљон. Почнале да го навредуваат капитенот на Колумбија, а кога тој почнал да се брани, ситуацијата ескалирала. Кога Андрес тргнал да го напушта ресторанот, еден од телохранителите на браќата пукал шест пати во него и на секој истрел викал: ’Гол’!