Како мечот со Македонија му помогнал на Рамос да ја усоврши Паненката

По криминално изведениот пенал против Баерн Минхен во полуфиналето на Лига на шампиони кога во целиот свет го тролаа, Серхио Рамос не спиел цела ноќ и решил да смисли нова тактика со која ќе ги фрла голманите на земја.

Една од многуте интриги во Реал, по заминувањето на Кристијано, беше на кого да му се довери изведување на пеналите?

Во ерата на Роналдо ова прашање не се поставуваше - 61 гол од пенал во Ла Лига и уште 15 во Лига на шампиони за Портгуалецот објаснуваат зошто.

Првиот официјален меч за Реал сезонава даде одговор за неговиот наследник од белата точка. Против Атлетико Мадрид во Супер Купот сигурен реализатор на пенал во тек на мечот беше Серхио Рамос. Капитенот шутира типично: се залетува, па подзастанува и после шутира од втор план, нешто слично на Герет Бејл - уште еден претендент на пенал-наследството.

Но секој пат кога Рамос се спрема да изведе пенал, гледачите се сеќаваат на неверојатното промашување против Баерн Минхен во Лигата на шампионите, кога речиси ја префрли трибината зад голот:

Овој пенал во духот на американски фудбал во полуфиналето на Лигата на шампионите е еден од хајлајтсите во неговата богата кариера.

Но таа чудна априлска вечер во 2012-та, своите пенали не ги реализираа и Роналдо, Кака, Крос, Филип Лам. Но никој не промаши толку далеку како Рамос. Тоа беше причина за многу мемиња, гифови, како и мобилната игра Angry Ramos. Реал Мадрид после таа утка на Рамос испадна од лигата, но правото значење на шутот на Серхио се појави подоцна во шпанскиот фудбал.

И тоа на добро.

Ноќта по промашениот пенал Серхио Рамос зборувал со татко му и брат му и им рекол: „Следниот пенал ќе пробам паненка. Ќе видите. Сите ќе ги замолкнам.“

Зборот е збор: во полуфиналето ан Европското 2012 меѓу Португалија и Шпанија немаше победник во основното време, па се пристапи на пенали.

За новиот шут Рамос се спремал два месеци. На тренинг базата во полското градче Гневино немало многу луѓе, па стоперот се фокусирал на паненката.

Својот план им го открил на соиграчите кои го разубедувале да не ризикува.

„Дојде моментот. И тоа полуфинале! Ако добро размислам, логично е. Голманот нема да очекува од мене такво нешто после тоа што се случи со Баерн. Многу често слушав: притисокот е голем, нема да успееш итн... Но спротивно, јас сакам притисок. Никогаш не се сомневав во мене дека имам јајца“, раскажал во едно интервју за Guardian Серхио Рамос.

После паненката во полуфиналето кога ладнокрвно го матираше Руи Патрисио, пенал серијата продолжи со уште два удари. Прво Бруно Алвеш, збунет од изведбата на Рамос, ја искрши пречката, а потоа Сеск Фабрегас ја однесе Шпанија во финалето.

Серхио Рамос им се одмазди на сите што го тролаа.

И очигледно, му се допадна Паненката. После тоа Европско, го повтори овој шут и против репрезентацијата на Македонија во квалификациите за ЕП 2016 кога Томе Пачовски одбра страна и се фрли пред ударот на Рамос:

Паненка изведе и против Севиља во Купот на Шпанија:

Но Рамос знаеше и да промаши па така се избламира во финалето на Купот на Конфедерации 2013, а на Европското 2016 Даниел Субашиќ му одбрани пенал.

На хрватскиот голман кој пред неколку дена се повлече од репрезентацијата, тогаш Лука Модриќ кој беше повреден му кажа на Дарио Срна да му пренесе на Субашиќ каде ќе шутира Рамос.

„Модриќ му кажа да не се фрла и да стои во место. Лука одлично ме познава. Тренираме заедно секој ден. Голманот тогаш чекаше до крај а во последен момент јас се премислив каде да шутирам“, анализирал Рамос.

Стилот на изведување пенали на Рамос е таков - тој пред шутот секогаш прави долги чекори и до последен момент го следи голманот, за да види на каде ќе падне.

Така беше и на Светското 2018 во Русија кога Игор Акинфеев не го прочита капитенот на Шпанија во пенал серијата:

Неколку минути претходно Рамос израмни на 1-1 и ѝ донесе продолженија на „црвената фурија“. Против Русите Серхио Рамос на пријателска пред Мундијалот постигна два гола од пенал во текот на мечот и стана првиот шпански репрезентативец во 13 години кој дал два гола од казнен удар на еден натпревар. Тогаш голот на Русија го чуваше Лунев кој летово му стана колега во Реал Мадрид.

Капитенот на Реал Мадрид беше прецизен и во пенал серијата со Атлетико Мадрид во финалето на Лига на шампиони пред две години.

***

Последниот негов гол од пенал, против Атлетико во Супер Купот на Европа во Талин, како да ни покажа кој ќе биде нов пеналџија на Реал.

Рамос мирно го спружи Јан Облак и постигна гол така што Лопетеги нема ниту една причина да го смени (во репрезентацијата додека беше селектор Лопетеги му даваше предност на Давид Силва пред Рамос).

Заменик пеналџија би бил Герет Бејл со кого Рамос ја доби битката за респект уште во февруари на мечот со Леганес. Роналдо тој ден одмораше и кога Ковачиќ беше соборен во шеснаесетникот, Бејл ја зема топката да изведува.

Но Серхио го предупреди Велшанецот, му ја зеде топката и постигна гол. „Ако не игра Крис и не шутира Герет, шутирам јас. Се договараме. Меѓу нас нема ривалство“, изјавил Рамос после тој меч.

Opta, сајтот специјализиран за статистички податоци објави дека Рамос шутирал 7 пенали во Примера за Реал Мадрид што покрај монополистот Роналдо и не е така малку.

Од 7 пенали, погодил 4.