Напредок во играта без топка
„Антонио Конте ми кажа дека сака да направи дефанзивен тим, јас напротив сум офанзивен бек и поради тоа ќе добијам помалку минути и подобро е да одам на позајмица“, изјави левиот бек Рахман Баба пред почетокот на сезонава.
Ова не значело дека Конте ќе го паркира автобусот пред својот гол, туку дека повеќе сакал игра без топка, отколку со топка со цел да се подобри одбраната.
По мечот од првото коло, Славен Билиќ изјави: „Челси не покажа ништо посебно ново, играа без нови играчи со исклучок на Канте. Но видов многу енергичен и покомпактен тим кој беше опасен во контри и полуконтри. Со играчи како што се Азар, Вилијан, Оскар и Коста се очекува такво нешто. Таков Челси сме го виделе и претходно“.
Веројатно под „претходно“ Билиќ мислеше на шампионската сезона со Мурињо, затоа што лани Челси буквално делуваше смешно во обидот така да игра. Гус Хидинк, од друга страна им даде повеќе слобода на напаѓачите со цел да компензира за ниската линија на одбраната, што резултираше со голема дупка меѓу редовите. Челси играше на гол повеќе од противникот - тоа не е шампионски рецепт, но горе-долу функционираше.
На Конте таквата ситуација не му одговарала. Компактноста која фалеше кај Хидинк е клучен елемент на сите негови екипи. Италијанецот, за разлика од Мурињо е помалку толерантен кон играчите кои не работат без топка. Една од неговите најпознати изјави е:
„Во фудбалот ако престанеш да трчаш, готов си. Во времето на Јувентус почнав со бодликав стап со кои им се заканував на играчите ако престанат да трчаат“.
„Немав талент како Зинедин Зидан или Роберто Баџо. Кога бев играч, бев спремен да се жртвувам на теренот како компензација за недостигот на талент. Немаше играч на кој не можев да му ја земам топката. Поради тоа од првиот ден на мојата тренерска кариера понекогаш барав играчи кои беа типично како мене“, вели Конте.
Довчерашниот италијански селектор почна да работи на компактноста уште во предсезоната кога го реши проблемот со позицијата на Сеск Фабрегас така што во составот го донесе Нголо Канте и ги направи Сините едни од најдобрите екипи во лигата во игра без топка. После две кола, само Саутемптон има подобар учинок без топка, а лани после првите две кола Челси беше 20-ти по тој параметар.
Во сите фази на противничките напади, Челси делува совршено компактен и речиси секогаш меѓу одбраната и нападот има само 25-20 метри растојание. По правило, пресингот почнува од нападот кој ја притиска противничката одбрана. Ваквиот пресинг го предводи Диего Коста кој во првото коло направил дури 82 спринта (најмногу во лигата). Ова и тоа како се разликува од концептот на Мурињо кој не криеше дека претпочита благ пресинг или Хидинг кој често одбиваше пресинг.
Високо поставена одбрана
За висок пресинг потребно е одбраната да биде високо поставена. Такво нешто се обиде да воведе Андре Виљаш-Боаш, но безуспешно. Спорите и високи стопери често правеа грешки во позиционирањето. Конте обрнува посебно внимание на одбраната за време на пресингот и поради тоа сега бара побрз стопер (Милан одби 45 милиони за Ромањоли).
Потенијалниот недостиг се појави на стартот од мечот со Ватфорд: Немаше притисок врз играчите со топка, се јави голем простор пред последната линија и противникот лесно влегуваше во казнениот простор. Од тој период, до крајот на мечот Челси беше приморан на умерен пресинг, ги зби редовите и Ватфорд 70 минути не создаде значајни проблеми.
Според последните информации Челси подготвува понуда од 45 милиони фунти за стоперот на ПСЖ, Бразилецот Маркињос кој би бил одлично решение за бавната одбрана на Сините.