Како две неверојатни голмански грешки го решаваат скудетото

По којзнае кој пат низ годиниве, Наполи ентузијастички сонува прва титула од далечната 1990-та. Играат Наполитанците одлично скоро цела сезона и во последните неколку кола сами, на сопствени грешки губат веќе запишани бодови и остануваат со празни раце. Голмански киксови може скапо да ги чинат и Наполи и Интер.

Наполи долго време беше прв или втор на табела и сериозно конкурираше за скудето се до 10 април кога им почнаа празните минути. Прво примија 3 гола од Фиорентина и дома изгубија 2:3. После ремизираа дома со Рома 1-1 примајќи гол во 90+1’ минута иако гостите играа со играч помалку.

На крај им се случи Емполи, шок од кој тешко ќе се опорават и пораз кој ги чини скапо. Имаа 0-2 до 53 минута и го контролираа натпреварот за да домаќинот во само 6 минути постигне три експресни гола и да направи луд пресврт од 3-2. Елмас и Наполи останаа со празни раце и беа исфрлени од трката за скудето.

Најголем виновник за овој тежок пораз од Емполи е резервниот голман Алекс Мерет кој на овој меч го заменуваше повредениот Давид Оспина и направи катастрофален кикс кој го чинеше пораз неговиот тим:

Исто му се случи и на Интер. Целата јавност едвај го чекаше заостаниот меч на нераѕурите со Болоња која е во безбедната средина на табела и мирно ја привршува сезоната. Отворија гостите со гол и во тој момент го надминаа Милан на врвот на табелата. Но Болоња во самиот финиш направи целосен пресврт, победи 2-1 и му направи лавовска услуга на Милан.

Но главен кривец за поразот на Интер беше резервниот голман, Романецот Јонут Раду кој го одменуваше повредениот капитен Самир Хандановиќ.

Аматерска грешка на голманот на Интер која може да биде клучна за Скудетото

Сега во моментов на табелата Милан е прв на табела со 74 бода. Интер е втор со 72 бода но росонерите можат до крајот (уште 4 кола) да си приуштат и едно реми затоа што имаат подобар учинок во меѓусебните дуели со градскиот ривал. Со 67 бода Наполи е трет и речиси да отпадна од игра за титулата која во градот под Везув се сонуваше цела сезона.

Пеколните 22 дена за Интер и Милан

28 април 2022 - 13:02