На официјалната вебстрана на Борусија Дортмунд има една слика со двајца мажи како чекорат кон Терминалот Е на аеродромот во Дизелдорф. Нивните имиња се Ханс-Јоаким Вацке и Д-р Рејналд Раубал и тие се тргнати на состанокот со 400 инвеститори од компанија со име Молсирис во обид да го спасат клубот до банкрот.
Тоа се случува на 14 март во 2005-та година кога клубот должи 130 милиони евра. Во тоа време клубот се расфрлаше со пари (го купија Марсио Аморосо од Парма за 25 милиони евра), го продадоа стадионот и позајмуваа пари само за да играат во Лигата на шампиони.
Но во 2003-та година екипата на Борусија Дортмунд беше елиминирана од Бриж уште во квалификациите на Лигата на шампиони, а следната година не се пласираа во ниту едно европско натпреварување и нивните сонови се распаднаа.
И така целата судбина на клубот им припадна во рацете на Вацке и Раубалл кои требаа да убедат 400 инвеститори дека нивниот план за спас на клуб ќе функционира.
Состанокот траеше со часови. Во Дортмунд и во цела Германија, навивачите на Борусија со нетрпение очекуваа вести за нивниот клуб. На крајот, доцна попладнето, акционерите на Молрси објавија дека се согласиле да го спасат клубот. По преговорите, Раубал изјави: „Не сакам да искусам уште еден ваков ден во мојот живот."
Но за Вацке и Раубал, тешкиот период тукушто започна. Клубот мораше да се ослободи од фудбалерите со големи плати, па наскоро Дортмунд го напуштија Росицки, Одонкор и Мецелдер.
По сезоната 2007/08 кога Дортмунд заврши на 13-та позиција, се изгледаше дека на клубот му претстои тешка деценија во која тие ќе се борат да избегнат испаѓање со амбиции за пласман на средината од табелата. Но тоа лето тие го најмија Клоп.
Баерн Минхен се одлучи за попознато име и го најми Јирген Клинсман, Хамбург го ангажираше Мартин Јол затоа што тој на интервјуто за работа дошол во одело, а Клоп во фармерки, но челниците на Борусија Дортмунд веруваа во тогаш 40-годишниот тренер и го ангажираа човекот кој го одведе Мајнц во Бундеслигата за прв пат во историјата на клубот.
На Клоп му била понудена помала плата од онаа во Мајнц, но тој сепак го прифатил предизвикот да го обнови тимот и да го врати клубот на старите патеки.
Во првата сезона Дортмунд заврши на 6-та позиција, а следната сезона на 5-то место. Сезоната 2010/2011, Борусија Дортмунд ја освои шампионската титула со 6 поени предност во однос на Леверкузен и покрај тоа што тие на располагање имаа помал буџет од сите ривали во Бундеслигата.
Матс Хамелс не беше доволно добар за Баерн Минхен и тие го купија за 4 милиони евра. Левандовски и Суботиќ за по 4,5 милиони, Кагава за само 350.000, Пишчек и Блашчиковски за по 3 милиони. Шахин, Шмелцер, Геце и Гроскројц се продукти на нивната школа, а единствено голема сума платија за Марко Ројс кој го купија за 17 милиони евра.
Но тајната за успехот на Борусија Дортмунд не е само во добриот скаутинг и купувањето ефтини играчи. Клоп има своја филозофија која содејствува со градот во кој играат.
„Тука луѓето бараат тимот да игра со карактеристики кои се најблиску до моето срце: со многу чувство и интензитет до последната минута. Сакаме да играме фудбал каков што луѓето ќе го паметат", изјави Клоп.
Клоп е паметен, смешен и полн со ентузијазам и сите фудбалери го обожаваат. Тој е одличен мотиватор кој го подигна духот на тимот до највисоко ниво. На само ден пред натпреварот со Реал Мадрид, навивачите на Борусија Дортмунд беа шокирани со веста дека Геце ќе се пресели во Баерн Минхен, а се шпекулира дека во тој правец може да оди и Левандовски.
Но Клоп не дозволи атмосферата во тимот да биде нарушена. И не само што атмосферата не беше нарушена, туку фудбалерите беа мотивирани до тоа ниво што по натпреварот Мурињо призна дека тоа е најдобриот тим против кој играле.
Тимот кој пред само 8 години беше на работ на банкрот прерасна во шампионски тим кој е на чекор до пласман во финалето на Лигата на шампиони.